За секој купен билет за воз, компанија засадува по едно дрво. До 2025 планира да засади 10 милиони

51

Екологијата и влијанието на нашето секојдневие врз животната средина и светот е една од актуелните теми на денешницата која не го заобиколи ни светот на патувањата.

Сè повеќе патници сакаат да остават што е можно помалку јаглероден отпечаток во нивните авантури и да го истражуваат светот, притоа минимизирајќи го нивното негативно влијание врз местата што ги посетуваат. Но, дури и самото патување до дестинацијата може да биде „позелено“, па многу луѓе избираат алтернативни превозни средства во однос на најголемиот загадувач, а тоа е авиоиндустријата.

Затоа, во последниве години возовите повторно се во тренд, бидејќи патувањето со воз е еден од најодржливите начини за патување. Во Европската Унија железничкиот транспорт сочинува само 1,6 отсто од емисиите на јаглерод диоксид и превезува 6 отсто од сите патници и повеќе од 10 отсто од товарот.

Некои компании отидоа чекор подалеку во охрабрувањето на луѓето да ги остават своите автомобили на паркинзите и да почнат почесто да се возат со воз. Така, во Обединетото Кралство стартапот „ Trainhugger “ започна кампања во која за секој купен билет за воз преку нивната платформа, компанијата засадува дрво, а се обврза да инвестира третина од профитот во зазеленување на јавните површини.

Како што велат од компанијата, за самите потрошувачи грижата за природата нема дополнителен трошок. Во „Trainhugger“ веруваат дека тоа ќе поттикне уште повеќе луѓе да го изберат возот – ќе знаат дека со нивното купување придонеле планетата да биде позелена и со повеќе кислород.

Во реализацијата ги вклучија и шумските институции за со нивна помош точно да се утврди каде е потребно да се засади и кои видови дрвја на кои локации се најпогодни. Секоја година во Велика Британија се продаваат 1,8 милијарда билети за воз. Кога само еден отсто од сите клиенти би купиле билет преку „Trainhugger“, би биле засадени околу 10 милиони нови дрвја, поради што сите се убедени во големиот успех на овој стартап.

Покрај „Trainhugger“, кој може да купи билети за воз во Велика Британија преку веб-страница и мобилна апликација, пребарувачот „Ecosia“ со седиште во Берлин има и кампања за садење дрвја. Пребарувајќи ги термините на „Ecosia“, вие помагате да се зазелени светот, а оваа компанија досега има засадено повеќе од 160 милиони дрвја.

Аудиоклипот „This Song Plants Trees“ (превод: „Оваа песна засадува дрвја“) е додаден десетици илјади пати на плеј-листата на „Спотифај“ иако не станува збор за песна, туку за проект на Мет Гордон кој вети дека ќе засади дрво на секое стото преслушување.

Понекогаш придонесувањето за позелен свет околу нас е поедноставно отколку што изгледа: можеме да го направиме тоа со пребарување на интернет, слушање преку „Спотифај“ и избирање на платформата преку која ги купуваме нашите патни билети.