За уште 36 општини се одобрени проектите и подготвени договорите за нивна реализација од програмата ТАВ

32

Владата на Република Северна Македонија на денешната 85-та тематска седница го разгледа и одобри пакетот договори за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу договорните страни за финансиска поддршка финансирање на инфраструктурни проекти на општините од програмата ТАВ.

Вториот пакет опфаќа 36 општини на кои им се одобрени проектите со кои тие аплицираа за оваа програма и со кои се опфатени изведби на инфраструктурни зафати од непосреден интерес на граѓаните од опфатените општини со овој пакет.

Инаку, парите кои турската компанија ТАВ Македонија требаше да ги вложи во изградба на карго аеродром во Штип, се пренаменуваат за инфраструктурни проекти на општините.

Во првата фаза ќе бидат реализирани 23 проекти во вкупна вредност од 9,9 милиони евра. Втората фаза е планирана кон почетокот на јули, а третата кон крајот на јули. Станува збор за проекти за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода и други проекти. Освен за инфраструктурни проекти во општините, дел од средствата ќе бидат наменети и за проширување на капацитетите на двата аеродрома во земјава.