Започна нов проект за поддршка на регионалната економска интеграција во областа на квалитетна инфраструктура и електронска трговија

52

Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) го започна својот нов проект за поддршка на регионалната економска интеграција во областа на квалитетна инфраструктура и електронска трговија. Проектот EU4Business: Поддршка на регионалната економска интеграција ќе се спроведува во име на Европската Унија (ЕУ) и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (БМЗ) и има за цел да ја зајакне регионалната економска интеграција меѓу членките на ЦЕФТА преку поддршка на спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар во двете области.

Само вистинско партнерство меѓу сите членки ќе обезбеди добро спроведени реформи и успех кон нашата заедничка двојна цел – регионална економска интеграција и приближување до европскиот пазар, беше оценето на настанот за промоција на проектот „EU4Business: Поддршка на регионалната економска интеграција“ во Скопје.

Функционалниот инфраструктурен систем за квалитет е катализатор за подобрување на квалитетот на производите и услугите во една економија. Тој помага да се стимулира побарувачката за овие производи и услуги со докажување дека производите се со одреден баран квалитет. Тестираните производи се сметаат за „погодни за намената“ и со добивање на ознака за квалитет, производите полесно може да се извезуваат на други пазари. Пет основни компоненти го сочинуваат системот на инфраструктура за квалитет: акредитација, стандардизација и метрологија, како и сертификација и тестирање/инспекција.

Давид Оберхубер, директор на ГИЗ во Северна Македонија, изјави дека Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ)  многу се гордее што повторно е ангажирано да спроведе проект што ќе ја зголеми трговијата и конкурентноста на пазарите на ЦЕФТА. Тоа е продолжување и дополнување на нашите тековни заеднички активности со членките на ЦЕФТА за поддршка на спроведувањето на трговските реформи во регионот во согласност со барањата во процесот на усогласување со ЕУ.

„Ефикасен инфраструктурен систем за квалитет ќе ги заштити и потрошувачите од небезбедни производи и бизнисите од непропорционални трошоци и нелојална конкуренција. Електронската трговија од друга страна е една од најбрзо растечките области во трговијата со услуги во економиите на ЦЕФТА. Регионалната интеграција во оваа област ќе им овозможи на потрошувачите да имаат корист од поголем избор и пониски цени, а трговците на мало ќе можат да ги намалат трошоците за трансакција и економично да добијат пристап до новите пазари.“

Штефан Худолин, раководителот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, изјави дека функционалната и доверлива инфраструктура за квалитет е основен предуслов за слободно движење на стоките, додека е-трговијата е нова алатка која носи огромен потенцијал за раст на трговијата преку границите.

„Драго ни е што ЕУ ќе ги поддржи економиите на ЦЕФТА да ја зајакнат нивната регионална соработка и да го подобрат  слободниот проток на стоки. На овој начин граѓаните и бизнисот од регионот ќе можат да искусат една од „четирите слободи на внатрешниот пазар“ како во ЕУ. Ние, исто така, веруваме дека резултатите од овој проект дополнително ќе доведат до нови можности за економски раст и создавање нови работни места“, нагласи тој.

Ото Граф, Заменик-раководител на Мисијата на Германската амбасада во Северна Македонија потсети дека германската влада ги поддржува тековните регионални економски реформи и напорите за соработка во рамките на Берлинскиот процес од 2014 година. „Регионалната економска интеграција ќе ја зголеми продуктивноста на економиите, ќе доведе до пониски цени и зголемена благосостојба и ќе придонесе за стабилноста на регионот“, нагласи тој. Овој проект е продолжување на партнерството помеѓу германската влада, ЕУ и економиите на ЦЕФТА за спроведување на трговските реформи во рамките на ЦЕФТА во согласност со барањата на процесот на усогласување со ЕУ. Заедно со членките на ЦЕФТА, посветени сме регионалната економска интеграција да функционира успешно за бизнисите“, нагласи тој.

Крешник Бектеши, Министер за економија на Република Северна Македонија изјави дека сите економии на ЦЕФТА мора да покажат подготвеност за соработка со сите соседни членки. Како што посочи тој, регионалната економска интеграција е најважното средство за регионален економски развој и забрзување на економското закрепнување од пандемијата на ковид-19, а Северна Македонија веќе ги согледува придобивките од оваа соработка на национално ниво. „Преку овој проект, ќе добиеме поддршка за зајакнување на нашите институции за квалитетна инфраструктура и ќе ги усогласиме со барањата на ЕУ, што ќе ни помогне да станеме поконкурентни во регионот во трговијата со индустриски стоки. Онлајн трговијата цвета во Северна Македонија, што се манифестира во силни врски и огромна динамика во секторот. Овој проект го гледаме како одлична можност да напредуваме на овие полиња и да придонесеме за нашата заедничка цел – да обезбедиме пристап до 20 милиони клиенти за нашите деловни оператори во ЦЕФТА“, оцени тој.

Емир Џикиќ, директор на ЦЕФТА Секретаријатот потсети дека Акцискиот план за заеднички регионален пазар (АП ЗРП) е отскочна штица за Западен Балкан да се усогласи со правилата на ЕУ за единствен пазар. „Преземени се важни чекори кон приближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ. АП ЗРП предвидува дека ЗРП ќе функционира во согласност со правото на ЕУ за да се обезбеди слободно движење на индустриски стоки помеѓу ЗБ6. За таа цел, неопходна е целосно функционална и усогласена КИ. Членките веќе го препознаа економскиот потенцијал на е-трговијата и сигурни сме дека ќе продолжиме заеднички да градиме просперитетни економии низ целиот регион“, нагласи Џикиќ. Јохана Волмајер, фонд менаџер во ГИЗ, која го презентираше проектот, изјави дека регионалната економска интеграција нуди голем потенцијал за раст во економиите од Западен Балкан. Акцискиот план за заеднички регионален пазар (АП ЗРП) ја поставува рамката за проектот со крајна цел да се постигне непречен проток на стоки, услуги и висококвалификувана работна сила. И потрошувачите и компаниите ќе профитираат од регионално усогласената рамка која обезбедува лесен и безбеден промет на индустриски и електронски стоки со кои се тргува. Бидејќи проектот ја поддржува регионалната интеграција врз основа на правото на ЕУ, тој исто така директно придонесува во напорите на регионот за пристапување кон ЕУ“.

Проектот Поддршка за регионална економска интеграција придонесува за создавање на деловно опкружување кое им заштедува трошоци и време на претпријатијата при тргување на регионалниот пазар. Истовремено, го зајакнува надзорот над пазарите и безбедноста на потрошувачите со воведување стандарди на ЕУ. Ги поддржува владините тела да ги насочат процедурите неопходни за тргување со стоки и услуги во регионот, со што ги подготвува економиите на ЦЕФТА за единствениот европски пазар.