Започна процесот против Мерцедес поради манипулација со податоци

100

Во регионалниот суд во Штутгарт денеска започна процесот против Мерцедес-Бенц поради сомнение за свесно мамење на потрошувачите односно со манипулирање на податоци за количеството штетни материи во издувните гасови.

Федералната канцеларија за заштита на потрошувачи го обвини Мерцедес-Бенц за свесна манипулација со дизел моторите со што извршено е кривично дело свесна измама на потрошувачи, кои во тој случај, имаат право на отштета.

Пред три години, автомобилската компанија од Штутгарт ги повика сопствениците на моделите „ГЛК“ и „ГЛЦ“ во работилниците, со цел да се поправи грешката со резултатите и погрешните вредности на штетни материи во издувните гасови. Раководството тврдеше дека се работи за случајна, а не за намерна грешка.

„Сметаме дека одредени барања за отштета како и тужба, се неосновани“, соопшти Мерцедес-Бенц пред почетокот на процесот.

Досега, поради манипулации со мотор против автомобилската компанија се поднесени над 25.000 тужби во Германија. Но, како што информираше Мерцедес-Бенц, тужбите се одбиени во 95 отсто од случаите.

Во пресудите се заклучува дека во моторите се вградени уреди што манипулираат со податоци за издувни гасови, но, дека не може да се докаже намерата на „Мерцедес-Бенц“ да им се наштети на клиентите.