Започна производството на брендовите на Филип Морис во Тутунскиот комбинат Прилеп

21

filip moris

Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје вчера го објави почетокот на производство на првиот меѓународен бренд на Филип Морис во капацитетите на Тутунски комбинат Прилеп – Bond Street Blue Selection Soft.

“Ова е важен момент за Филип Морис Интернационал, за нашите почитувани партнери ТКП и за Македонија. Со производството на Bond Street Blue Selection во Македонија продолжуваме да обезбедуваме најрелевантни понуди за возрасните корисници на цигари, преку успешно комбинирање на меѓународната репутација, брендовите и комерцијалното знаење на ФМИ со производствените капацитети и силните локални темели на ТКП. Со ова се потврдува нашата увереност дека оваа заедничка компанија ќе донесе значителни заемни придобивки за двете компании”, истакна Емре Козлу, генерален директор на Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, јавува Макфакс.

Почетокот на производството на брендовите на ФМИ во Тутунски комбинат претставува голем чекор за понатамошното стабилизирање на компанијата.

“Навистина сум горд на подобрувањата кои ги имаме направено во ТКП за да успееме да бидеме квалификувани да ги исполниме високите стандарди на Филип Морис. Ќе продолжиме да ги подобруваме нашите производни капацитети, да ја надградуваме нашата машинерија, да ги унапредуваме нашите процеси и да ги обучуваме нашите вработени со цел понатаму да ја зајакнеме нашата конкурентност”, истакна Александар Дерменџиев, генерален извршен директор на Тутунски комбинат Прилеп.

Bond Street е третиот најголем бренд на Филип Морис Интернационал во глобални рамки и истиот сега се произведува во Македонија во согласност со високите стандарди на ФМИ. Bond Street Blue Selection Soft произведен во Македонија ќе биде достапен во продажба од следната недела по цена од 45 денари.

Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје е заедничка компанија на Филип Морис и Тутунски комбинат Прилеп и е целосно оперативен од септември 2014 година.