Од утре, па се до 15 април во просториите на Метрополис арената ќе се одржи 25-oт Саем на книгата, каде посетителите ќе можат да ја видат најновата книжевна продукција од домашни и странски издавачи на вкупно 70 штандови. Саемот свечено ќе биде отворен вечер во 19 часот.
Извршениот директор на Скопски саем, Даниела Глигоровска на денешната прес-конференција информираше дека на едно место ќе се соберат најголемите издавачи од Македонија, Србија, Албанија, Италија и од Шведска. Ќе биде понудена разновидна литература – белетристика, научна, книги за деца и друго, а се очекува Саемот на книгата, кој е втор по посетеност, веднаш по Саемот за мебел, да привлече 40.000 посетители.
И годинава, како изминатите две, на саемот ќе се одржува акцијата Подари книга, подари богатство, а нејзин покровител заедно со Скопски саем оваа година е Министерството за култура.
“Саемот на книгата е меѓу најпосетените и најзначајните културни манифестации која секоја година ги зближува авторите и читателите и овозможува нивна комуникација на клучни теми. Тој е и можност повеќе издавачите да ги промовираат своите најнови изданија, своите концепции и визии за натамошниот развој на издавачката дејност, а авторите преку оваа манифестација ги афирмираат вредностите на македонската творечка мисла”, истакна министерката Елизабета Канческа-Милевска.
Годинава ново е што саемот ќе трае ден повеќе. Претседателот на Здружението на издавачи и книжарни на Македонија (ЗИКМ) Горјан Лазаревски рече дека тоа е можност за читателите да имаат цел викенд за посета на саемот, наместо тој да завршува во недела како во изминатите години. Соопшти дека ЗИКМ ќе ги додели петте традицонални награди меѓу две саемски манифестации – за најдобро оригинално издание, за ликовно обликување и дизајн, за најдобра илустрација на сликовница, за најдобро отпечатена книга и за најдобар книжар.
Истотака во рамки на саемот НУБ Св. Климент Охридски ќе ја додели наградата за најчитан автор во Македонија, врз основа статистиката од библиотеките во државата.
Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, влезот е 30 денари, а 20 за организирани посети.