Започнува меѓународниот саем ТЕХНОМА

53

6215cf6e1ae39d66d9d13b3c150c77fbПочнувајќи од утре, па се до 19 октомври, Скопски саем ќе биде домаќин на 39-то издание на Меѓународниот саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита ТЕХНОМА 2013.

На саемот се очекува да присуствуваат повеќе од 200 домашни и странски компании од кои 50 со групно учество од Италија, Грција, Бугарија, Словенија и Хрватска.

Од Скопски саем оценуваат дека и оваа година во фокусот на програмите на изложувачите ќе биде заштедата на енергијата, а најпроактивни ќе бидат малите и средните претпријатија.

Покрај 39-то издание на ТЕХНОМА 2013 на Скопски саем ќе се одржат и 14-от Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство, 33-та Меѓународна изложба на иновации – МАКИНОВА, како и Изложба на агромеханизација како сегмент на 63-от Меѓународен саем за широка потрошувачка АГРОФУД.

Меѓународната асоцијација Централна европска алијанса на саеми, пак, организира средба на експерти на тема Еколошки места за настани.

Интересот за учество на ТЕХНОМА воопшто не се намалува и бројот на учесниците ќе биде како и минатата година. Изложбениот простор е намален, односно ќе се изложува на површина од 12.000 метри квадратни, а како причина за тоа се настојувањата на компаниите да ги намалат трошоците за изложба на експонати, велат од Скопски саем.

На Меѓународната изложба на иновации МАКИНОВА е најавено претставување на стотина експонати од кои 30 од Македонија, 10 како младинско творештво и по 10 од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Ќе бидат изложени и 10 експонати од меѓународни изложби.

Според најавите, како заеднички дел од АГРОФУД и ТЕХНОМА, ќе биде изложувањето на агромеханизацијата во дворот пред Управната зграда на Скопски саем, а најавено е и прогласување најпроактивен земјоделец.