Запознајте го Илон Маск, визионерот кој стои зад SpaceX, Tesla Motors, SolarCity…

48

elon 2

Има само 42 години, а веќе го задолжи човештвото со бројни изуми и револуционерни идеи во модерната технологија. Илон Маск е иноватор роден во Јужна Африка, но со 17 години бега во Канада за да избегне служење на воениот рок. До тогаш веќе има еден успешен проект зад себе – на 12 години, за 500 долари ја продаде видеоиграта Blaster што сам ја програмираше.

Дипломира економија и физика на Универзитетот во Пенсилванија, а потоа се сели во Силиконската долина за да магистрира применета физика на Стенфорд. Се откажува по само два дена и од тогаш започнува неговата мисија – решавање на проблемите кои најмногу влијаат врз иднината на човештвото: интернет, обновлива енергија и вселена.

Zip2, Paypal

Заедно со својот брат Кимбал ја основа Zip2, фирма што се занимава со програмирање на софтвер за новинарски организации, која во 1999 година и ја продава на Altavista за 307 милиони долари плус 34 милиони долари во акции. Веќе во 2000 година го суфинансира проектот PayPal, систем за плаќање преку интернет. Овој систем му донесе голем успех и заработка од 1,5 милијарди долари, колку што му плати eBay во акции.

elon 1

SpaceX

PayPal е само загревање. Во 2002 година ја основа својата трета компанија, Space Exploration Technologies попозната како SpaceX, која се занимава со унапредување на ракетната технологија. Дури и НАСА шест години подоцна препозна потенцијал во идеите на Маск и со неговата SpaceX склучи договор тежок 1,6 милијарди долари. SpaceX требаше да направи девет летови со нивната ракета Falcon 9 и вселенското летало Dragon до Меѓународната вселенска станица за да замени еден од шатловите. Според договорот со НАСА, Маск требаше да се фокусира само на превоз на астронаутите до вселенската станица, но тој не се откажа од својата визија за истражување на Марс, па во 2011 година изјави дека планира во следните 10 до 20 години да им овозможи на луѓето заминување на Црвената планета.

Пред извесно време Маск го откри својот 3Д интерфејс за дизајнирање ракети. Користејќи Leap Motion контролор и сопствен софтвер, Маск покажа неверојатен начин на дизајнирање и менување делови со движење на раката. Како што самиот изјави, инспирацијата за оваа технологија ја добил од филмот IronMan.

Tesla Motors

Маск е соосновач и на Tesla Motors, компанија што се занимава со производство на автомобили на електричен погон. Компанијата зад себе веќе има неколку модели кои се или пласирани или допрва ќе и бидат претставени на јавноста.

Моделот S седан се продава толку брзо колку што може да се произведе. Цената му е 70.000 долари, а со едно полнење на батеријата може да помине 362 километри. Tesla Motors работи на поевтин модел за поширока популација, кој во продажба треба да се појави во 2016 година. Ќе чини 35.000 долари и со едно полнење ќе минува 322 километри.

Маск најави дека Tesla Motors работи на проект за автомобили кои ќе возат со помош на автопилот, односно 90% од контролата врз автомобилот ќе има компјутерски систем.

“За да се развие потполно автономни автомобили, потребно е повеќе време”, изјави Маск.

Автомобилот целосно ќе биде изработен во Tesla, без соработка со други компании.

Маск во Tesla Motors има 32% акции, чија вредност се проценува на 5,82 милијарди долари.

SolarCity

Илон Маск е мнозински сопственик и претседател на одборот на SolarCity, најголемиот доставувач на соларни системи во САД. Мотивацијата што го поттикна Маск да ги основа Tesla и SolarCity е борбата против глобалното затоплување, што го прави еден од највлијателните моќни филантропи кому профитот не му е главна цел во животот.

Hyperloop

Неодамна пред јавноста го претстави својот предлог како да се унапреди превозот меѓу Лос Анџелес и Сан Франциско. Проектот го нарече Hyperloop, а на идеја дошол откако се разочарал од спороста на калифорниската железница. Маск планира да изгради мрежа од надземни цевки, систем под многу мал притисок, кој би овозможил движење со голема брзина и мала потрошувачка на енергија. Со овој систем, според Маск, пат од 560 километри ќе може да се мине за пола час или помалку. За реализација на овој проект се потребни 7,5 милијарди долари.

Илон Маск вели:

За ризикот: Неуспехот е опција овде. Ако не доживеете неуспех, тогаш не сте биле доволно иновативни.

За изборот на вработени: Мојата најголема грешка е веројатно тоа што премногу гледам на нечиј талент, отколку на неговата личност. Мислам дека е важно дали некој има добро срце.

За упорноста: Ако нешто е доволно важно, дури и ако шансите се против тебе, треба да го направиш.

За мотивацијата: Кога си заминував од PayPal, си помислив: “Кои се другите проблеми што најмногу влијаат врз иднината на човештвото?” Не размислував од перспектива: “Кој е најдобар начин за заработување на пари?”

На експериментите во детството: Неверојатно е колку многу работи можат да експлодираат. Среќен сум што ги имам сите прсти.