Заштита на лични податоци во осигурувањето

37

Секојдневно, личните податоци на граѓаните се собираат и обработуваат во различни области и по различни законски основи. Секторот за осигурување е еден од секторите каде што се собираат и обработуваат лични податоци на граѓаните како осигуреници.

Обемот на личните податоци потребни за да се склучи полиса и обемот на личните податоци потребни да се пријави штетен настан се подеднакво важни. Осигурителните компании, при нивните дневни активности, собираат и обработуваат голем број на лични податоци за осигурениците, како и за корисниците на осигурување, оштетените лица. Личните податоци кои се собрани од страна на осигурителните компании во одредени случаи се предмет на размена со државните органи, а понекогаш тие се пренесуваат и во други држави. Поради овој факт, заштитата на личните податоци е важен сегмент во секторот за осигурување.

Име и презиме, матичен број, адреса на живеење, фотокопија од лична карта или пасош, телефонски број, брачен статус, имотна состојба, број на регистерска табличка, висина, тежина и други податоци се лични податоци коишто е потребно граѓаните да ги дадат доколку сакаат да склучат на договор за неживотно или животно осигурување, односно да потпишат полиса за осигурување.

Додека друштвата за осигурување и осигурителните брокерски друштва се одговорни за обработката на нашите лични податоци, ние мора да обезбедиме точни и целосни податоци, но и да се информираме за тоа кои се нашите обврски согласно законите и договорите кои ги склучуваме со друштвата за осигурување и осигурителните брокерски друштва. Граѓаните најчесто се прашуваат за тоа кои од своите лични податоци треба да ги дадат на компанијата за да дојдат до полиса за осигурување, но многу повеќе кога ќе треба да пријават штетен настан.

За склучување на полиси, во базата на податоци се прибираат име и презиме, датум и место на раѓање, постојана или привремена адреса на живеење на осигуреникот, назив на друштвото за осигурување, број на полисата, времетраење на осигурувањето, осигурен случај и осигурително покритие. Кога ќе се случи штетен настан пак, осигуреникот во Барање за надомест на штета треба да даде податоци за име и презиме, ЕМБГ, адреса на живеење, дата и место на настанување на штетата, податоци за полисата за осигурување, опис на штета и потпис.

Правна основа за обработка на личните податоци

Личните податоци во секторот за осигурување се собираат и обработуваат согласно Законот за супервизија на осигурување и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, а нивната заштита дополнително се обезбедува со примената на начелата од Законот за заштита на личните податоци којшто ги поставува општите стандарди за заштита на личните податоци за сите области.

Освен законските основи за обработка и заштита на личните податоци, секоја компанија треба да има донесено Документација за заштита на личните податоци, и тоа:

  • Правилник за технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци и План за создавање на технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци;
  • Правила за определување на обврските и одговорностите на администраторот и на овластените лица при користење на документи и информатичко-комуникациската опрема;
  • Правила за пријавување, реакција и санирање на инциденти;
  • Правила за начинот на правење на сигурносна копија, архивирање и чување, како и за повторно враќање на зачуваните лични податоци;
  • Правила за начинот на уништување на документите, како и за начинот на уништување, бришење и чистење на медиумите;
  • Упатство за начинот на водење евиденциии на овластени лица кои вршат обработка на лични податоци;

Согласно Законот за заштита на личните податоци, секое физичко или правно лице, орган на државната власт или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци е контролор на збирка на лични податоци.

Контролор

  • Осигурителна компанија
  • Осигурително брокерско друштво
  • Застапници во осигурувањето
  • Национално биро за осигурување

Збирка на лични податоци е структурирана група лични податоци која е достапна согласно со специфични критериуми, без оглед дали е централизирана, децентрализирана или распространета на функционална или географска основа. Водењето на збирките на лични податоци кои ги обработуваат контролорите, категориите на лични податоци кои се собираат и обработуваат во збирките треба да бидат предвидени со закон.

  • База на податоци за осигурениците
  • База на податоци за настанати штети
  • База на податоци за оценување на осигурително покритие и степен на оштета
  • Евиденција на вработени
  • Евиденција од видео надзор

Субјект на лични податоци е секое физичко лице на кое се однесуваат обработените лични податоци.

  • Вработени
  • Осигуреници
  • Корисник на осигурување

Поради горенаведеното, сите осигурителни друштва и сите правни субјекти кои се во осигурителниот сектор, треба да бидат одговорни и да водат евиденција според Законот, поради сензитивноста на оваа материја. Казните се многу големи, но, евентуалните грешки сè уште поболни за клиентите.