Американските и европските власти затворија 132 интернет страници на кои се продавала фалсификувана стока, од облека и патики, до очила за сонце.
Акцијата е резултат на заедничка истрага на Американските имиграциски и царински служби (ICE) и властите на Велика Британија, Белгија, Данска, Франција, Романија и Еуропол. Во САД се затворени 101, а во Европа 31 страница.
“Оваа операција е одличен пример за соработка меѓу ICE и неговите интернационални партнери. Нашето партнерство ни овозможи полесно да стигнеме до криминалците кои ги мамат потрошувачите ширум светот. Ова не е само американски проблем, туку глобален и оваа борба мораме да ја добиеме”, изјави директорот на ICE, Џон Мортон.
На овие страници се огласувани за продажба фалсификувани производи од фирмите Nike, Ergo baby, Hermes, Oakley, Tiffany…
Официјалните лица ги идентификувале PayPal сметките што ги користеле неовластените интернет страници. PayPal е глобален e-commerce бизнис кој овозможува плаќање и трансфер на пари да се врши преку интернет.
Според податоците на ICE, од 2010 година до денес се затворени 1.630 такви интернет страни.
Ова е прва заедничка акција на американските и европските власти на тоа поле.