Земја од ЕУ нема да се откаже од руските дијаманти

176

Од почетокот на војната во Украина, ЕУ воведе бројни санкции, од кои некои беа оспорени од поединечни членки, но сепак беа усвоени.

Сега Белгија се обидува да се избори со санкциите против руските дијаманти.

Белгија, која е земјата во која е седиштето на ЕУ, има клучна улога во трговијата со дијаманти, па во преговорите за санкциите секогаш се залагала дијамантите да бидат исклучени од казнените мерки, тврди виенскиот весник „Кронен цајтунг“.

Белгискиот град Антверпен е центар за трговија со скапоцени камења уште од 15 век.

Во тој град се наоѓа и Светскиот дијамантски центар во Антверпен, кој има годишен обрт од 37 милијарди евра.

Необработените дијаманти, кои се доставуваат во Белгија, потекнуваат од Ангола, Конго, Сиера Леоне, Јужна Африка, но и Русија, како што истакна Сигал Ванчовски, сопственик на „Бинсон Дајмондс“ од Антверпен.

Таа истакна дека сировите дијаманти се носат во Белгија за да се полираат, а потоа може да се преработат во накит или нешто друго, за понатаму да се продаваат.

Според податоците на Министерството за финансии на Русија, минатата година земјата извезла повеќе од 48,6 милиони карати необработени дијаманти, што е најголем обем од 2007 година.

Најважни пазари за извоз на дијаманти од Русија се Обединетите Арапски Емирати и Белгија.

Коен Ванденбемпт, декан на Економскиот факултет на Универзитетот во Антверпен, вели дека Европа би си наштетила со дијамантски санкции.

Според него, прекинот на увозот на дијаманти од Русија би довел до губење на индустријата, која би се преселила во Дубаи или Мумбаи.

Тој нагласи дека бидејќи многу земји нема да се приклучат на бојкотот, ќе се најдат други пазари.

Од друга страна, експертот за суровини Лариса Станчиу рече дека забраната за увоз на руски дијаманти ќе ја погоди државната каса на Русија, бидејќи државата профитира од извозот на овие скапоцени камења.

„Кронен цајтунг“ посочува дека американските санкции имаат „дупки“ и во однос на дијамантите, бидејќи во одлуката за санкции стои дека, доколку некој дијамант е значително изменет во една земја, таа земја може да се третира како земја на потекло.

Тоа значи дека доколку дијамантите од Русија се обработуваат во Индија, тогаш Индија ќе се смета за земја на потекло.