Саудиска Арабија и другите членки на ОПЕК + го одложија планот за зголемување на производството на нафта до крајот на годината, бидејќи групата се обидува да ги оживее цените на нафтата кои остануваат ниски и покрај немирите на Блискиот Исток.
Најголемиот светски извозник на нафта и седум други земји, вклучувајќи ги Русија, Ирак, ОАЕ и Алжир, одлучија да ги задржат постојните намалувања на производството до крајот на декември, се вели во соопштението на земјите од ОПЕК, пишува Фајненшл тајмс.
Осум земји требаше да почнат постепено да ги укинуваат доброволните намалувања, но го одложија планот за најмалку уште еден месец поради континуираниот пад на цената на нафтата. Планираните зголемувања ќе доведат до зголемување на производството за вкупно 180.000 барели дневно до декември, како дел од постепеното укинување на намалувањата од 2,2 милиони барели во текот на 12 месеци.
Цените на Брент паднаа за речиси 14 отсто во текот на изминатата година, делумно поради загриженоста за побарувачката од Кина, завршувајќи на 73 долари во петокот, откако накратко паднаа под 70 долари во септември, на најниското ниво од декември 2021 година.
„Секретаријатот на ОПЕК забележа дека осум земји на ОПЕК + – Саудиска Арабија, Русија, Ирак, ОАЕ, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман – се согласија да ги продолжат доброволните прилагодувања на производството“, се вели во соопштението на групата земји-производители на нафта.
Одлуката за одложување на укинувањето на намалувањата на производството и овозможува на групата да ја одложи одлуката за нивоата на производство за 2025 година до изборите во САД, велат аналитичарите. Членките на ОПЕК + треба да се сретнат лично на 1 декември во Виена, каде се очекува конечната одлука.
Цените паднаа за повеќе од шест отсто минатиот понеделник, откако израелските напади врз Иран не ги погодија нафтените и нуклеарните капацитети, смирувајќи го пазарот и враќајќи го фокусот на економските прогнози за Кина. Цените се зголемија во петокот откако генерал-мајор Хосеин Салами, командант на иранската револуционерна гарда, вети „незамислив“ одговор на нападите.