Според Меморандумот за соработка, што денес во Стопанската комора на Македонија го потпишаа Платежната агенција и Асоцијацијата на осигурителни брокерски друштва, се предвидува брокерски друштва да ги посетуваат земјоделците и да ги објаснуваат бенефициите од осигурувањето на посевите и пакетот услуги што ги нудат осигурителните компании.
Брокерските друштва ќе бидат медијатори, односно ќе им укажуваат на земјоделците која осигурителна компанија нуди најдобри услуги. Ваквата улога на посредници меѓу производителите и осигурителните компании, ќе ја вршат бесплатно.
“Последните неколку години се случија поплави, екстремно сушни периоди, од кои, на крај, земјоделците останаа најоштетени зашто не ги осигуруваат посевите, а државата секоја година ја зголемува поддршката за оваа намена”, рече заменик министерот Зоран Коњановски нагласувајќи дека осигуреното е најсигурно.
Тој додаде дека изминатиов период, додаде, биле направени бројни анализи за утврдување на причините поради кои македонските земјоделци се уште недоволно го осигуруваат родот и покрај поддршката на државата.
Засега само четири осигурителни компании во земјава нудат земјоделски полиси, а од вкупно регистрираните 100.000 земјоделци, само 1.500 купуваат полиси. Најголем е бројот во Кавадарци, 340, Ресен, 250 и Неготино, повеќе од 200. Најмногу, пак, се осигуруваат лозовите насади, 350 хектари, јаболката, 270 хектари, и житните култури, преку 210 хектари.
Владата годинава обезбеди 35 милиони денари за земјоделските полиси. Мерката предвидува покривање 60% од трошоците за осигурувањето. Поддршката ќе се зголеми до 70% или 80% доколку заживее задругарството.
Според директорот на Платежната агенција Тони Димовски, аплицирањето е многу едноставно преку поднесување пријава во Подрачните единици на Министерството за земјоделство.
Миле Попоски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето изјави дека доколку посевите се осигурани, компанијата, во случај на елементарна непогода е должна да го исплати земјоделецот најдоцна 15 дена по проценката на настанатите штети.
За еден хектар лозје кој носи 10.000 килограми принос по просечна цена од 10 денари за килограм грозје, сумата за осигурување при целосно уништување на насадот/родот би била околу 100.000 денари.