
Државата да го откупи вишокот пченица за стоковите резерви и да нема увоз од странство, бараат дел производители од Пелагониско, кои имаат недооткупени количества пченица во амбарите.
Апелот и барањето тие ги упатија од пред прилепските силоси каде се користи простор за стоковите резерви.
– Упатуваме апел до мелничарите во Македонија и до надлежните институции во државата, да се откупи пченицата од овие луѓе кои сѐ уште ја чуваат, а не да се увезува од Србија како што имаме непотврдени информации. Ова е вистинското време и што поскоро да се реагира зашто во тек се прихраните на новиот род, а и доцни втората прихрана, а на луѓето им се потребни средства. Производителите сега не бараат многу. Барат цена, барем да се покријат производните трошоци и трошоците за складирање. Тоа е околу 22 денари за килограм, изјави Стеванчо Јорданоски, производител од прилепското село Мажучиште кој чува преку 200 тони пченица.
-Јас имам 350 тони пченица. Не ја предадовме пченицата зашто млинарите не можеа да ни ја платат во готово. Бараме државата да ни ја откупи по реална цена. Да биде добро и за државата и за нас, а не како што слушаме 25 или 27 денари од Србија, изјави Тоде Лазаревски, производител од Ивањевци, Битолско.
Фото: Pixabay











