Живко Мукаетов за The Economist: Алкалоид како компанија, секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд

46

Алкалоид АД, како компанија, секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд, без оглед на тоа за која позиција станува збор. Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни во тој процес, а одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадри од стручните сфери. Како и во секоја успешна и амбициозна компанија, огромен предизвик е да се одржи високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности особено во услови на функционирање исполнети со бројни непредвидливи аспекти. Алкалоид на годишно ниво алоцира значајни ресурси во разни бенефиции наменети за вработените во форма на финансиски надоместоци, интерни и екстерни обуки, доедукација, дополнително здравствено осигурување, грижа за најмладите во семејствата и слично. Можностите за развој на професионалната кариера во компанијата се големи, а како потенцијал, се трудиме да важат подеднакво за секој вработен,  вели во интервју за The Economist: Генералниот директор / Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов.

Aлкалоид наскоро ќе одбележи 90 години од своето постоење. Како успевате да го задржите и одржите врвот во фармацијата на национално и регионално ниво?

Чинам дека Алкалоид е дел од мојата ДНК. Мојот татко, учител и ментор, но и еден од основоположниците на модерниот Алкалоид, Трајче Мукаетов, во компанијата помина 34 години од својот работен век, во навистина турбулентни времиња. Јас сум дел од Алкалоид близу 25 години, а речиси 18 сум на позицијата генерален директор. Во својата деветдецениска историја, Алкалоид надминал многубројни кризи, но секој пат покажувал резилиентност и брза адаптација кон промените. Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци, години наназад.

Во последните 18 години, компанијата бележи постојан раст, на што се должи тоа?

Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра. Овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа. Целта на Алкалоид е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, Алкалоид е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

Целото интервју на Генералниот директор / Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов на следниов линк