Живот по мерка на сите: Виена повторно во врвот

Според најновото издание на меѓународното списание „Монокл“, Виена е прогласена за најдобар град во светот за 2025 година кога станува збор за домување.

Секоја година, во градот се градат околу 6.000 нови социјални станови со цел да се зачува социјалната разновидност и достапноста на домување за сите нивоа на општеството.

Додека многу градови низ светот се справуваат со зголемување на цените на недвижностите и истиснување на жителите со пониски приходи, Виена претставува многу поинаква слика. Повеќе од 50 проценти од нејзините жители живеат во субвенционирани станови, или во добро познати Gemeindebauten (општински згради) или во станови изградени од станбени задруги со државна поддршка.

Покрај функционалноста, Виена се гордее и со естетиката. Империјалната архитектура, модерните станбени блокови, парковите и природните ресурси во границите на градот, како што се Алта Донау, островот Дунав и бројните зелени површини, придонесуваат за секојдневен живот кој е пријатен и здрав. Жителите имаат директен пристап до природата, што е сè поретка привилегија во големите урбани средини.

Јавниот превоз во овој град е толку добро организиран што овозможува лесно, практично и удобно движење низ целиот град. Месечната карта чини симболични 30 евра, додека градските власти континуирано инвестираат во модернизација и проширување на инфраструктурата.

Во тек е изградбата на новата метро линија U5, обновувањето на возниот парк, како и проширувањето на меѓународните железнички врски, вклучувајќи ги и ноќните возови на австриската државна железница ÖBB. Патувањето од Виена до Париз, Венеција или Берлин е можно удобно и еколошки, без долги аеродромски процедури.

Ова се, меѓу другите причини, зошто Виена го доби ова официјално признание за прифатливо, висококвалитетно и социјално фер домување.