Животниот век на една заштитна маска за лице

70

Обичната маска за лице стана симбол на пандемијата предизвикана од коронавирусот и клучно средство во борба против оваа зараза. Но, сигурно се прашувате од каде доаѓаат, каде се задолжителни за носење, колку траат и каде завршуваат, пренесува Seebiz.

Носењето маска е вообичаена пракса во источна Азија од епидемијата на САРС во 2002-ра и 2003-та година. Во Јапонија носењето маска е вообичаена пракса во текот на зимските и пролетните месеци, поради заштита од различни зарази. Во Европа, пак, носењето маски беше ретка појава. Бидејќи многумина не се навикнати на тоа, ги носат маските на несоодветен начин – под брадата или под носот.

Во 50-тина земји во светот носењето маски е задолжително во јавност. Други ги бараат само во одредени зони, додека трети даваат само препорака за нивно користење. Во Обединетите Арапски Емирати излегувањето без маска се казнува со 200 долари, а во Чад и со 15 дена затвор.

Со оглед на зголемената побарувачка, цената на маските забележа голем скок. Во Либан, на пример, маските сега се продаваат 25 пати поскапо за разлика од времето пред пандемијата. Кина го зголеми производството на маски од почетокот на март до крајот на април и извезла повеќе од 20 милијарди маски. Голем е бројот на компании што поради пандемијата го пренаменија своето производство за да ја задоволат зголемената побарувачка од заштитни маски.

Многу земји немаат јасни насоки за тоа што треба да се прави со веќе искористените маски. Па затоа, луѓето често ги фрлаат заедно со ѓубрето од домот. француската компанија за рециклирање Citeo France советува заштитните маски и ракавици да се одлагаат во цврсти пластични кеси. Тие треба да бидат добро затворени, оставени преку ноќ, а потоа да се фрлат во канта за ѓубре. Потоа, надлежните ќе треба да ги одложат на посебно место. Во последно време, често може да се забележат расфрлани искористени маски на улиците. Тоа е особено штетно бидејќи некои маски содржат полипропилен – материјал што многу тешко се разложува по природен пат, па станува и голем загадувач на природната средина.

Фото: Pixabay