Животот е процес, развојот е опција

1011

Животот е процес, развојот е опција – тоа е порака на Марина Анчевска, НЛП Мастер тренер, професионален коуч, мотивациски говорник, писателка, тренер по јога. Во интервју за Бизнис Инфо зборува за НЛП, лидерство, жени во бизнисот, коучинг, награди…

Бизнис Инфо: Имате импресивна деловна биографија. Како започна вашата приказна?

Од секогаш сум имала претприемачки дух. Уште како студентка наоѓав различни начини да го заработувам својот џепарлак. Никогаш не се срамев од работа и сè уште не ми значи ништо функцијата директор или НЛП Мастер тренер, туку заедно и еднакво работам со сите мои колеги. Секогаш сум инвестирала и ќе продолжам да инвестирам во мојот личен и професионален развој. Имам поминато голем број на тренинзи, програми и сертифицирани едукации и инвестирањето во неформалното образование за мене продолжува. Целосно се пронајдов во улогата на претприемач кога во 2004 година, во Холандија ја основав мојата прва фирма за консултантски и коучинг услуги. Од тогаш, па до сега претприемништвото е дел од мене. Претприемач за мене е човек кој што е проактивен, презема ризици и знае како да ги балансира разумот и срцето. Претприемач е најпрво свесен лидер на својот живот.

Во Македонија со основањето на првиот НЛП центар, Центарот за бизнис психологија во 2007-та година, започна еден многу значаен процес не само за мене, туку и за целото општество. Акредитираните тренинзи од реномирани светски асоцијации, професионалниот пристап и новините од доменот на личниот и професионалниот развој поттикнаа едно интересно движење коешто предизвика промена во освестувањето за важноста на инвестирањето во личниот и професионален развој. Досега јас лично имам поминато голем број на меѓународни тренинзи и програми за личен и професионален развој. Од минатата година се стекнав со светски признат сертификат на НЛП Мастер тренер. Поминав интензивна програма на НЛП Универзитетот во Санта Круз, Калифорнија. Истата беше водена директно од најзначајните НЛП Мастер тренери во светот, Robert Dilts и Џудит Judith DeLozier. Засега сум единствен НЛП Мастер тренер на просторите на бивша Југославија, кој го поседува тој сертификат. Но, овде сигурно не застанувам. Мојата приказна сè уште се развива.

Бизнис Инфо: Вие сте НЛП Мастер тренер, професионален коуч, мотивациски говорник, писателка, тренер по јога… од каде наоѓате време и енергија за да постигнете сè?

Енергијата доаѓа најпрво од внатре, т.е. од личните цели коишто ја поттикнуваат мотивацијата. Доколку не ви е јасно на каде водат вашите постапки и што е тоа што сакате да го постигнете, нема да имате енергија. Јас имам страст за животот, го живеам тоа што го работам и затоа имам енергија за сè. Постојано учам, се надградувам и се развивам. Љубопитна сум и затоа ретко кога ми е досадно.

По утрото секако се познава денот. Утринските ритуали меѓу кои вежбањето јога, техниките на дишење и медитацијата за мене се најважниот момент од денот. Доколку денот го започнам свесно и ја поттикнам соматската интелигенција тогаш сум пофокусиранa, имам повеќе енергија и можам подисоцирано, т.е. посвесно да се справам со секој предизвик. Како холистички терапевт верувам дека телото, умот и душата се една целина.

Бизнис Инфо: Во која професија НЛП тренинзите би биле задолжителни и кои се главните придобивки од НЛП програмите?

Секаде каде што има интеракција со луѓе Невро лингвистичкото програмирање може да користи. Меѓутоа НЛП-то е пред сè методологија за личен развој. НЛП го менува начинот на размислување, преку препознавање на своите лични процеси, внатрешниот дијалог и ограничувачките верувања, коишто го предизвикуваат однесувањето. Тоа освестување овозможува да се постигне позитивна трансформација и да се надминат предизвиците со кои секојдневно се соочуваме.

НЛП-то ви дава алатки да изберете да реагирате поинаку, да бидете повеќе свесни за вашите мисли, чувства и однесување. Тогаш сте подготвени да ја преземете одговорноста за вашите резултати во сите области од вашиот живот.

Овде сакам да истакнам дека акредитираните тренинзи кои се организираат во Центарот, се Системски НЛП, што го прави Центарот уникатен и препознатлив бренд во областа на тренинзите за личен и професионален развој.

Системскиот НЛП припаѓа на четвртата генерација во развојот на НЛП како наука и претставува многу повеќе од збир на практични техники за подобар личен и професионален развој! Системскиот пристап ги идентификува процесите на комуникација и однесување во системот, базирани на вредностите и уверувањата на групата, т.е. системот.

Сите динамики на семејните системи од каде што доаѓаме се испреплетени во позадина на однесувањето, дејствувањето, мотивацијата, одлучувањето, како и сите други секојдневни лични и професионални процеси. Откривањето, разбирањето и разрешувањето на несвесните обрасци, т.е. динамики во било кој тип на системска релација, може да креира значајна промена во перцепцијата, однесувањето и дејствувањето. Овие динамики, пак не можат да се разрешат без да се разбере динамиката на групата, на системот. Овој уникатен системски пристап го користам во индивидуалниот коучинг, како и во организациските, групни тренинзи.
Најчесто работам само со висок и среден менаџмент. До сега од моето долгогодишно искуство со голем број на компании, резултатите од тренинзите се видливи и практично применливи токму поради системскиот НЛП пристап. Системската НЛП програма, поради нелинеарното размислување и системската интервенција, овозможува нови извори и решенија за разрешување на секаков вид на лична, тимска или организациска динамика.

Бизнис Инфо: Што им порачувате на луѓето кои водат динамичен живот, немаат време за себе, не посветуваат доволно време на работите во коишто се “крие“ среќата?

Немам време, пари и енергија се само изговори. Прашањето е во што инвестирате време, пари и енергија и дали таа инвестиција ви ги дава посакуваните резултати! Несвесното расфрлање со овие три клучни елементи води кон незадоволство, умор, истрошеност и чувство на неисполнетост. Страста за тоа што го работиме е двигателот на сè. Доколку не чувствувате страст тогаш треба да се запрашате зошто го работите тоа што го работите? Кои вредности ги задоволувате и дали работите за да преживеете или да живеете? Динамиката на 21-от век бара поголема самосвесност и системска перцепција. Во 20-от век се зборуваше за лидерство, во 21-от век потребни се свесни лидери и трансформациски претприемачи.

Најпрво се мисли на тоа како се водите себе си и како вие правите трансформација, дали свесно се развивате или веќе знаете сè? Свесното лидерство е нешто што веќе одамна живее во светот. Со сите промени како политички, економски така и еколошки, се наметна потребата од друг вид на лидерство. Од ЕГО кон ЕКО лидерство. Свесен лидер е конгруентен лидер. Го работи тоа што го живее и обратно. Тоа што го зборува вистински го живее. Свесните лидери се стремат кон хармонија на сите полиња: ментално поле(умот, мислите), поле на телото (физиологијата), на енергијата (емоциите) и полето на душата (семејните системи).

Бизнис Инфо: Ваш совет за сите жени во светот на бизнисот, на коишто им е важна кариерата, но исто толку и приватниот живот, семејството, пријателите…?

Ставете сè себе си на прво место. Исполнета жена и среќна со самата себе, жена која што ги балансира разумот, емоцијата и своите лични потреби е спокојна жена. Никој и ништо не може да ве направи среќни доколку не го побарате тоа што ви треба, или да си го дадете самата на себе. Незадоволството и немирот започнуваат доколку празнината што ја чувствувате во себе барате некој друг да ви ја пополни или тоа го правите преку трупање на материјални работи, прекумерна храна, барање на внимание и разно разни други неконтролирани потреби. Убавината е во едноставноста.

Бизнис Инфо: Како Вие ја создавате хармонијата меѓу приватниот и професионалниот живот и како го постигнувате тоа?

Јас вистински го живеам тоа што го работам. Вредностите кои што ги претставувам пред моите клиенти се и мои лични вредности кои што ме водат низ животот. Балансот помеѓу развојот и придонесот, давањето и примањето мора да биде запазен. Доколку повеќе даваме отколку што добиваме или повеќе придонесуваме, а помалку се развиваме, креира незадоволство и предизвикува замор, несигурност, ниски емоции и вибрации.

Доколку го работите тоа што го сакате и ве исполнува, балансот се случува сам по себе. Меѓутоа, секоја работа и посветеност бара жртва. Некогаш мораме нешто да дадеме за да добиеме. Како ги мериме резултатите и со што се задоволуваме е личен процес. Успешноста во голем дел зависи од способноста да се управувате себеси. Дали тоа го правите на работа и/или дома, стратегиите кои што во голем дел несвесно ги спроведувате се еден ист процес, независно каде и да сте. Да се биде во одлична ментална, физичка и емотивна кондиција води кон успешност на секое поле.

Себе-управувањето е еден од најголемите предизвици и потребна е огромна доза на самокритичност и одговорност за однесувањето и начинот на комуникација, со самите себе и со другите луѓе. Не е важно колкаво е вашето знаење и што точно знаете туку што правите и како тоа знаење практично го користите. Дали сте свесни што е тоа што ве води да го правите она што го правите? Процесот на размислување е оној кој што ги креира зборовите, однесувањето, навиките, карактерот и секако реалноста. Многумина од нас сакаат промена, но им недостасува самодисциплина, верба и мотивација. Ништо нема да се смени сè додека не дејствувате поинаку. Животот наградува дејствување, а не намери, мудрости и разбирање. Само позитивни мисли не се доволни за промена, потребна е и акција.

Бизнис Инфо: Која мотивациска порака им ја кажувате на другите, а која ве мотивира лично вас?

Животот е процес, развојот е опција. Со тоа сакам да кажам дека животот се движи, на нас е дали ќе пораснеме и ќе се развиваме. Животот е како такси. Иако стоите, таксиметарот отчукува!

Бизнис Инфо: Неодамна ја добивте наградата Најжена на 21-от век, што за вас претставува оваа награда, а дали и колку ви значат наградите?

Наградите се потврда дека тоа што го правам некој го гледа и го почитува и за тоа сум многу благодарна. Ова што јас неуморно го работам повеќе од 12 години не е лесен пат. Благодарна сум им на сите оние, клиенти и соработници, кои што биле и сè уште се дел од приказната на првиот НЛП Центар во Македонија, што се препознале во мисијата на Центарот и храбро го започнале херојското патување. Да се работи нешто на ова ниво на кое што работам јас, во една земја со низок стандард и сè уште недоволно освестена самосвесност и колективна цел, е огромен предизвик којшто свесно го започнав и бара голема посветеност. Потврдата за значењето на сите услуги кои што ги нуди центарот се секојдневните пофалби и споделувања на промени кои што ги прават нашите клиенти, индивидуалци и организации.

Да, наградите се резултат на сиот напор, но тие се исто така и поттик за да ја продолжам својата работа, да се надградувам себе си и да го одржувам квалитетот на моите услуги.