
Цените на златото во средата останаа близу 3.000 долари за унца, во услови на зголемено купување на централните банки и загриженоста на инвеститорите за глобалниот економски раст по објавувањето на новите американски царини.
Унца злато околу пладне вредеше 2.943 долари, што е за 0,3 отсто повеќе од вчерашното затворање. Накратко достигна ново највисоко ниво од 2.946 долари за унца, деветти пат од почетокот на годината.
На американскиот пазар фјучерсите за злато се тргуваа по 0,4 отсто повисока цена, по 2.961 долар.
Според пресметките на здружението на рударски компании WGC, златото поскапе за повеќе од 28 отсто минатата година поради силната побарувачка од централните банки и инвеститорите во период на зголемени геополитички тензии.
Централните банки продолжија да ги пополнуваат резервите во 2024 година, зголемувајќи го темпото на купување во октомври, а трендот ќе продолжи и во 2025 година, процени WGC во средината на декември.
Побарувачката за инвестиции беше поттикната од геополитичките ризици и остри флуктуации на голем број регионални финансиски пазари, објаснуваат тие, додавајќи дека инвеститорите продолжиле да купуваат во третиот квартал бидејќи централните банки почнале да ги намалуваат клучните каматни стапки.
На почетокот на оваа година, изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за царините предизвикаа нервоза.











