Зошто е добро да прифаќаме критики

89

zvezdi

Фото: Pixabay

Не можеме да контролираме што другите луѓе велат, чувствуваат и мислат за нас. Но, можеме да прифатиме добронамерна критика и со тоа нешто да научиме за подобро да се интегрираме во општеството и развиваме во зрели личности.

Еве шест причини зошто е корисно понекогаш да не ги отфрламе мислењата на другите.

Помага при справување со непријатни емоции

Тешко е да се поднесат непријатни емоции, но критиката го олеснува тоа во голема мера. Преку неа полесно се справуваме и ги поднесуваме емоциите од причина што тогаш сме предизвикани да излеземе на крај со тоа што сме го потиснувале.

Го поттикнува критичкото размислување

Кога некој ќе ве искритикува за нешто, истовремено ви дава можност искрено и критички да се погледнете себе си од секој агол, да се анализирате и да увидите што правите, односно што сте направиле погрешно.

Нè враќа повторно на целта

Критиката нè подучува и повторно нè враќа на целта, но овој пат со бистар ум и ново научени лекции што ќе ни користат правилно да постапиме во иднина.

Придонесува за поголема адаптибилност

Помага подобро да се приспособиме во општеството и полесно да ги прифаќаме другите луѓе. Кога некој нè критикува, учиме поефикасно да комуницираме со останатите и ако тоа не успее, продолжуваме понатаму по нови патишта.

Го поттикнува развојот

Ако не добиваме критики, не можеме да растеме и да се развиваме како личности. Не постои безгрешен човек, па токму затоа критиката е совршена алатка за подобро осмислување на секој сегмент во животот.

Нè потсетува дека сме далеку од совршени

Критиката е одлична, особено за оние што се сметаат за совршени или блиску до тоа, за оние чие его е толку големо што не успеваат да ја видат големата слика.