✈️ Внимание возачи: Се менуваат правилата за бесплатно паркирање на Скопскиот аеродром

Од 1 септември 2026 година, ТАВ Македонија воведува нови правила за користење на на зоната „Hug & Fly“, односно улицата која што се наоѓа пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, каде што патниците се испраќаат или се дочекуваат од патување.

Улицата пред терминалната зграда, односно зоната „Hug & Fly“и понатаму останува наменета за бесплатно кратко запирање во времетраење од 10 минути со цел оставање и преземање патници, со тоа што според новите правила за паркирање, секое возило ќе има можност да влезе, транзитира и паркира бесплатно 10 минути само еднаш во текот на 24 часа.

Целта е непречен проток на возилата како и безбеден и едноставен пристап на патниците до терминалот.
Автоматското препознавање на регистарските таблички ќе овозможи ефикасно управување со пристапот и непречено одвивање на сообраќајот, особено во периодите со зголемена фреквенција на патници.

Промената е насочена кон одржување на непречен проток на возила до аеродромот и обезбедување безбедни услови за патниците, посетителите и возачите при пристапот до терминалот.

За оние кои имаат потреба од подолг престој, големиот паркинг на скопскиот аеродром, кој се наоѓа пред терминалната зграда и има на располагање 1.200 паркинг места за автомобили и 6 паркинг места за автобуси, останува достапен во секое време.
Приоритет на ТАВ Македонија е пристапот до терминалот да биде безбеден, ефикасен и едноставен, со цел да обезбедиме удобно искуство за сите патници и посетители.