
Трезорите на Банката на Англија моментално содржат повеќе од 5.000 тони злато, распоредени во 12 огромни простории, од кои секоја содржи илјадници златни прачки со стандардна големина од 400 тројански унци (околу 12 до 13 килограми), втора најголема залиха во светот по Федералните резерви на Њујорк.
Телевизијата „Скај њуз“ доби редок пристап до златните трезори на Банката на Англија, кои се наоѓаат во срцето на Лондон, длабоко под финансискиот кварт.
Приближно 40 проценти од вкупниот простор на Банката на Англија се наоѓа под земја, а во центарот на тој комплекс се наоѓа најголемиот магацин за злато во Европа.
Поголемиот дел од златото не ѝ припаѓа на самата Банка на Англија, туку на централните банки на повеќе од 60 земји низ целиот свет, кои складираат злато во Лондон.
Лондон останува светска престолнина на физичка трговија со злато, а историјата, правната сигурност и политичката стабилност ја зацврстија неговата позиција како главно место каде што владите, компаниите и инвеститорите го складираат и разменуваат скапоцениот метал.
Народната банка на Република Северна Македонија, во состав на девизните резерви, располага со околу 6,9 тони монетарно злато. Златото се чува во Трезорот на Банката на Англија во алоцирана (асигнирана) форма и го сочинуваат маркирани златни прачки коишто во целост ги исполнуваат стандардите на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard − прачки со содржина на злато од најмалку 99,5% или тежина од околу 400 фини унци, односно околу 12 кг).
Одлуката тоа да се чува во Банката на Англија беше донесена во 2010 год. имајќи ги предвид сигурноста и флексибилноста коишто ги нуди инфраструктурната поставеност на централната банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон како најголем пазар со злато во светот.












