„100% ќе има договор со ЕУ, многумина сакаат договор“, порача Трамп

За време на средбата во Белата куќа со италијанската премиерка Џорџа Мелони, американскиот претседател Доналд Трамп изрази “100 проценти” уверување во остварување на “трговски договор” во актуелниот тарифен спор со Европската унија

На прашање од новинар што ќе се случи ако нема спогодба по завршувањето на 90-дневниот прекин кој го определи, Трамп одговори речиси со иронија, пренесе ДПА. “О, ќе има трговски договор, 100 отсто,” рече Трамп.

“Што, мислите дека нема да има… се разбира дека ќе има трговски договор. Многумина сакаат да склучат договор, многу, многу. И ние ќе направиме трговски договор.” Тој додаде: “Целосно го очекувам, но тоа ќе биде фер договор.”

Минатата недела, после значителни немири на берзите и финансиските пазари, Трамп ненадејно одлучи да одобри 90-дневен мораториум од одредени давачки за многу држави, вклучувајќи ја и ЕУ.

Овие давачки се казнени и се базирани на трговскиот дефицит на релевантните држави, со исклучок на Кина. Со оваа одлука, Трамп привремено стави дел од својот опсежен царински пакет во мирување.

ЕУ исто така извести дека ќе ги замрзне планираните реципрочни тарифи за американските производи на 90 дена.