133 години историја под закана: Кодак – од монопол до можен банкрот

„Истман Кодак“, 133-годишната компанија за фотографија, позната едноставно како „Кодак“, ги предупреди инвеститорите дека е малку веројатно дека ќе преживее.

Во извештајот за заработка во понеделник, менаџментот на компанијата откри дека нема „обезбедено финансирање или достапна ликвидност“ за да сервисира долг од приближно 500 милиони долари.

„Овие услови покренуваат сериозни сомнежи за способноста на компанијата да продолжи со работа“, изјави Кодак.

Тие, исто така, открија дека имаат намера да соберат пари со запирање на плаќањата во нивниот пензиски план.

Компанијата, исто така, објави дека не очекува царините да имаат „значително влијание“ врз нејзиното работење, бидејќи произведува многу од своите производи, вклучувајќи камери, мастила и филмови, во Соединетите Држави.

„Во вториот квартал, Кодак продолжи да напредува во однос на нашиот долгорочен план и покрај предизвиците на неизвесната деловна средина“, рече извршниот директор на Кодак, Џим Континенца, во соопштението за заработка.

Акциите на Eastman Kodak паднаа за повеќе од седум проценти по објавувањето.

CNBC потсетува дека Кодак бил успешен во производството на камери и филмови во текот на целиот изминат век. Според списанието The Economist, во еден момент во текот на 1970-тите години, таа учествувала со 90 проценти од продажбата на филмови и 85 проценти од продажбата на камери во САД.

Но, таа силна пазарна позиција не траеше поради технологијата што ја измисли самата компанија – Кодак го претстави првиот дигитален фотоапарат во 1975 година.

Кодак не успеа да го искористи порастот на дигиталната технологија и поднесе барање за банкрот во 2012 година. Во времето на поднесувањето на барањето по Поглавје 11, компанијата имаше 100.000 доверители и долгови во вкупен износ од 6,75 милијарди долари.

Тие добија нова надеж во 2020 година кога американската влада ги избра да се трансформираат во производител на фармацевтски состојки, но тоа не се покажа како добро решение.