
Европа продолжува да го развива сопствениот минерален потенцијал, а интересот за нови рударски инвестиции го потврдуваат 160 апликации поднесени на вториот повик на ЕУ за финансиска поддршка на рударски проекти.
Иако во јавноста често се поставува прашањето дали рударството и заштитата на животната средина можат да одат заедно, европската практика покажува дека земјите со високи еколошки стандарди истовремено развиваат експлоатација на суровини.
За критичните минерали ЕУ ги забрзува процедурите за издавање дозволи, но без отстапување од научните проценки, мониторингот, финансиските гаранции и обврските за рекултивација.
Македонија во моментов има една актуелна голема инвестиција во металичен рудник – Иловица–Штука, каде се планира ископ на бакар. Проектот претрпел измени со цел поголема заштита на животната средина.
Според инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“, во производниот процес нема да се користат цијанид или сулфурна киселина, а планираното производство е над 16.000 тони бакар годишно, во период од 23 години.
Дополнително, по завршувањето на експлоатацијата, предвидена е целосна рекултивација на земјиштето. Компанијата се обврзала да обезбеди 30 милиони евра во посебен фонд за пошумување и обновување на вегетацијата на пасиштата.
Но, инвестициите во рударството кај нас или не се остваруваат или пак се во застој, каков што е случајот сега со „Иловица-Штука“. Од друга страна, Унијата отвора фондовите и доделува средства преку Европската инвестициска банка за нови рудници кои ќе бидат дефинирани како стратешки проекти.
„Големиот број на апликации ја покажува важноста на Директивата за критични суровини, за обезбедување јасност за промоторите на проекти, потенцијалните инвеститори, индустријата и земјите-членки. За индустријата, овие проекти ќе помогнат во диверзификацијата на снабдувањето и изградбата на синџир во согласност со целите на Директивата, обезбедувајќи безбеден пристап до материјали неопходни за стратешките енергетски, дигитални и одбранбени сектори. Ова е камен-темелник на економската безбедност и долгорочната стратешка автономија на Европа“, соопшти Европската Комисија.
Од Комисијата додадоа дека според апликациите, 75 проекти би можеле да го поддржат вредносниот синџир за батерии, 21 се фокусираат на ретки земни елементи за трајни магнети (од витално значење за ветерни турбини и други обновливи извори), додека повеќе проектни апликации се однесуваат на елементи потребни во одбраната. Комисијата примила 95 апликации од земји-членки на ЕУ и 66 од земји вон ЕУ, вклучувајќи 40 апликации од земји со кои Брисел има склучено стратешко партнерство за суровини.
Првата рунда на селекција во 2025-тата година дефинираше 47 стратешки проекти во ЕУ и 13 проекти во партнерски земји. Дел од нив се во Шведска, која е несомнено меѓу земјите со највисоки еколошки перформанси во светот, но во исто време останува водечка земја во рударството во Европската Унија. Најновиот статистички извештај од Шведскиот геолошки завод – SGU покажува дека во 2025 година во земјата работеле 13 металиччни рудници. Шведска најмногу ископува железна руда, бакар, цинк, олово, злато и сребро. На листата е и Финска, која има развиена индустрија за злато, никел, бакар, кобалт, хром и индустриски минерали. Австрија нуди еден од највпечатливите европски примери за „екологија и рударство“. Со примена на современи технологии работи рудникот Митерсил во покраината Салцбург, каде се вади шелитна руда за производство на волфрам. На југот на Шпанија, регионот Андалузија е центар на рударството на метали. Во својот извештај од 2025 година, ОЕЦД наведува дека Андалузија обезбедува 35% од рударското производство на Шпанија, концентрира 30% од вработеноста во шпанскиот рударски сектор, сочинува околу 90% од рударството на метали во земјата и е втор најголем производител на бакар во ЕУ.














