180 години NBG и 21 успешна година на Стопанска банка АД – Скопје заедно со NBG

169

Националната банка на Грција (NBG) на 30-ти март одбележа 180 години постоење.

Во својата кратка изјава Павлос Милонас, Генералениот извршен директор на NBG Групацијата рече: “Многу сме горди на нашата историја и на улогата што NBG ја има во развојот на економијата и на општеството во земјата и во регионот. Денеска продолжуваме да поттикнуваме иновации и претприемачки дух со цел создавање на подобра иднина за нашите клиенти и за нашите сограѓани“.

Милонас, исто така, се осврна и на резултатите на NBG Групацијата за 2020 година: “Наспроти пандемијата на ковид-19, финансиските резултати на Групацијата за 2020 година се одлични. На оперативно ниво, пред добивките од тргувањето и еднократните резервации поврзани со ковид-19, оперативната добивка се зголеми за 41% на годишно ниво, достигнувајќи 328 милиони евра. Добивката е одраз на отпорноста на основните приходи и на строгото намалување на трошоците, што резултираше со годишно намалување на трошоците за околу 150 милиони евра во период од две години. На крај, добивката по оданочување достигна 591 милиони евра, што е зголемување за 26% на годишно ниво. Дополнително, благодарејќи на приходите од 1,1 милијарди евра остварени од тргувањето и од другите активности целосно можеа да бидат апсорбирани резервациите од околу 0,8 милијарди евра за кредитното портфолио поврзани со ковид-19 и со секјуритизација на кредитите. Значајно подобрената профитабилност го прикажува нашиот висок потенцијал, кој е одразен во билансот на состојба, но и во посветеноста и фокусот на тимот на NBG. Сите наши луѓе сега уште повеќе се посветени на нашата понатамошна трансформација“.

Оваа година се означува и 21 година од стратегиската инвестиција на NBG во Стопанска банка АД – Скопје. Осврнувајќи се на овој повод, Диомидис Николетопулос, Генералниот извршен директор на Стопанска банка АД – Скопје изјави:

“Горди сме што сме членка на NBG Групацијата, една од најважните групации во регионот, и посебно сме среќни што Стопанска банка АД – Скопје продолжува да има свое место во 180-годишната историја на NBG. Пред околу 21 година, почна успешното заедничко чекорење на две историски значајни банки во регионот, овозможувајќи ѝ на Стопанска банка АД – Скопје да прерасне во силната профитабилна банка каква што е денес, столб што ја поддржува економијата на Северна Македонија, и секако, е значен дел од  NBG Групацијата.

И покрај ковид-19 пандемијата, во 2020 година Банката ги докажа своите силни перформанси и здравата основа, при што се постигна подобар биланс на состојба. Кредитното портфолио на Банката порасна на 1,2 милијарди евра, депозитите на 1,4 милјарди евра, со што беа постигнати извонредни резултати – Банката оствари нето-добивка за 2020 година од 32 милиони евра.

Продолжуваме со истото темпо, како една од најважните финансиски институции во земјата, работејќи со супериорни резултати во сите области на дејствување, чувајќи ги депозитите на нашите клиенти и генерирајќи одржлива вредност за сите засегнати страни“.