191- бесплатна линија за пријавување неправилности во угостителски и трговски објекти

97

Отворена е бесплатна линија за пријавување на неправилности за угостителски објекти во кои има гости, драстично зголемени цени на основните прехранбени производи и средства за дезинфекција, стои во соопштението.

Министерот за економија, Крешник Бектеши заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денеска ја промовираа бесплатната линија за пријава на неправилности во државниот пазарен инспекторат.

На оваа бесплатна линија – 191 ќе можат да се пријават неправилности за непочитување на препораките на Владата за заштита од коронавирусот.

Министерот Бектеши информираше дека Владата на почетокот на неделата донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи како што се леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, но и лекови и дезинфекциски средства. Исто така со цел за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот беше донесена и одлука да се затворат сите ресторани, кафетерии и барови каде што се собираат луѓе.

“Пазарниот инспекторат е на терен и контролира кои угостителски објекти се затворени, односно кои угостителски објекти не ги почитуваат одлуките на Владата. Исто така засилени се контролите во супермаркетите во однос на цените на основните прехранбени производи но и на средствата за дезинфекција. Свесни сме за големата паника која што се предизвика кај граѓаните кои решија да купуваат масовно и нерационално. Со цел да им излеземе во пресрет на инспекторите кои што работат на терен и по 18 часови на ден во интерес на заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните заедно со Пазарниот инспекторат ја отворивме бесплатна линија 191 на која сите граѓани кои ќе утврдат дека има прекршување на овие одлуки, односно дека има кафулиња и ресторани кои работат или пак има зголемување на цените во супермаркетите во последните две недели тогаш ќе може веднаш да пријави, а пазарниот инспекторат да постапи на терен“, кажа министерот Бектеши.

Потенцираше дека на оваа бесплатна линија сите граѓани ќе можат од понеделник да пријавуваат неправилности по што веднаш ќе бидат вратени цените на основните производи кои што биле на 11 март.

“Сакам да алармирам до сите граѓани, угостители и трговци кои што нема да ги почитуваат препораките на Владата дека ќе бидат казнети со казна од 5.000 евра и согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик казна затвор и до една година. Ги повикувам сите граѓани и бизнисмени во моментов да бидат разумни. Во време на криза да бидеме солидарни, да бидеме одговорни, а не да размислуваме на профит. Ги повикувам граѓаните да пријават секој вид на непочитување на владините одлуки“, рече Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски истакна дека согласно член 29 и 30 од Законот за трговија сите трговски субјекти се должни на видно место во трговскиот објект да имаат истакнат телефонски број од Државниот пазарен инспекторат од градот во кој што се наоѓа.

Но во овој момент како што потенцираше директорот Инспекторатот се соочува со недостаток на инспектори кои што ќе одговараат на повиците на граѓаните бидејќи сите се на терен.

“Од понеделник ќе биде во употреба на ниво на цела држава бројот 191. На овој број ќе можат да се јават сите кои што ќе констатираат неправилности кои што се однесуваат на постапувањето на Државниот пазарен инспекторат. Она што сакам да им го кажам на сите трговски објекти е дека налепниците кои што во наредните денови ќе им ги достават инспекторите ќе мора да ги истакнат на видно место“, рече Пауновски.

Директорот на Пазарниот инспекторат информираше дека налепници со бројот на кој граѓаните ќе можат да пријават неправилности ќе бидат доставени и до сите бензински станици низ државата, а угостителските објекти кои во моментов не работат имаат законска должност да ги залепат овие налепници на видно место во објектот откако ќе заврши кризната ситуација во државата, а ќе можат да ги набават бесплатно од канцелариите на Државниот пазарен инспекторат низ државата.