26 Турци на листата на милијардери на Форбс за 2023 година

Вкупно 26 имиња од Турција се најдоа на листата на милијардери на Форбс за 2023 година, а најбогат меѓу нив е Ибрахим Ердемоглу, сопственик на холдинг компанија за производство на теписи.

Тој официјално го надмина претседателот на холдинг Јилдиз, Мурат Улкер и ја понесе титулата најбогат милијардер во земјата.

Братот на Ибрахим Ердемоглу, Али Ердемоглу, сопственик на SASA Polyester, компанија во рамките на истиот холдинг, се истакна како трет најбогат во Турција и 580-ти најбогат во светот, со лично богатство од 4,7 милијарди долари.

Најбогата Турчинка на листата беше Семахат Севим Арсел, еден од најголемите акционери на Коч Холдинг. Со богатство од 3 милијарди долари, таа е едно од трите имиња од семејството Коч кои се најдоа на листата.

Во меѓувреме, францускиот магнат за луксузни стоки Бернар Арно го престигна извршниот директор на Tesla, Илон Маск, и стана најбогатиот милијардер во светот. Според пресметките на Форбс, 74-годишниот инженер е на врвот на листата за 2023 година со богатство од 211 милијарди долари.

Соединетите држави сè уште имаат најмногу милијардери во светот, со 735 имиња на листата со вкупна вредност од 4,5 трилиони долари, објави Форбс.

Кина, вклучувајќи ги Хонг Конг и Макао, останува втора, со 562 милијардери во вредност од 2 трилиони долари, а по неа е Индија со 169 милијардери во вредност од 675 милијарди долари.

Богатството на речиси половина од милијардерите се намалило во однос на минатата година, додека статусот милијардер го загубиле вкупно 254 лица.

Комбинираната нето вредност на светските милијардери падна на 12,2 трилиони долари во изминатата година, од 12,7 трилиони долари во март 2022 година, објави Форбс во својот годишен извештај.