Геополитичката ситуација во Украина ја торпедираше цената на биткоинот

96

Политичката нестабилност, несигурноста и стравувањата од можна војна ги држат пазарите на капитал во заложништво ширум светот во последниве недели, вклучувајќи го и пазарот на криптовалути.

Биткоинот и водечките светски криптовалути се „во црвено“ од почетокот на годината, со само повремени периоди на закрепнување на цената.

Како што започна конфликтот во Украина, а стравувањата се остварија, така дојде и до распродажба на криптовалути.

За само неколку часа овој четврток цената на биткоинот потона за околу 12 отсто, а со падови меѓу 10 и 15 отсто, следеа цените на најголемите криптовалути, како што се етер, рипл, карданo и други. Вкупниот пад на пазарот во последните 24 часа е речиси 10%, а само во изминатата недела од крипто-пазарот се „избришани“ околу 500 милијарди долари.

Биткоинот сега се тргува за околу 35.000 долари. Ова е нивото на кое водечката криптовалута не е од минатиот месец, кога накратко падна под 35.000 долари. Биткоинот од минатото лето не се тргувал по толку ниски цени. Во споредба со највисоките нивоа забележани во ноември, цената на биткоинот сега е преполовена.

Исто така, вредноста на вкупниот крипто-пазар е речиси преполовена. Според CoinMarketCap, врвот на вкупната вредност на сите криптовалути беше околу 3 трилиони долари, за сега се намали на 1,59 трилиони долари.

Колку трговци на мало побрзаа да ги продадат своите дигитални средства сведочи фактот дека вкупниот обем на тргување со криптовалути во светот се зголеми за 45% во изминатите 24 часа.