40% од чиповите што Русија ги увезува од Кина се неисправни

53

Поради санкциите, Русија е принудена да се потпре на кинескиот сив пазар за чипови, но овој вид снабдување со себе носи големи проблеми.

Санкциите наметнати на Русија од страна на западните земји во голема мера влијаеја на нејзината способност да купува чипови, што значи дека тие мораа да прибегнат кон купување од Кина. Сепак, како што пишува рускиот Комерсант, се чини дека ова не беше идеална замена, бидејќи значителен процент од овие чипови се неисправни.

Имено, пред конфликтот во Украина и санкциите кои следеа, процентот на увезени неисправни чипови во Русија изнесуваше 2%. Сега, речиси осум месеци подоцна, рускиот весник тврди дека таа бројка се искачила на неверојатни 40%.

Русија за овие бројки ја обвинува пандемијата што го погоди нејзиниот синџир на снабдување и санкциите што ја принудија да увезува чипови од сивиот пазар во Кина, што предизвика опаѓање на нивото на контрола на квалитетот. Овој тип на снабдување не само што носи ризик од неисправни чипови, туку е и многу несигурен и бавен.

Голем број странски компании ја напуштија Русија како резултат на увозните ограничувања, а оние што останаа мораат да работат со кинески компании кои ги заобиколија санкциите за полупроводници.

За споредба, стапката на дефект на чипот од 2% што ја имаше Русија пред конфликтот е стапка која не се смета за оптимална и може да предизвика значителни проблеми со квалитетот на производителите на електроника. Стапката од 40% е опасно блиску до тоа да се смета за неупотреблива и несомнено ќе ја зголеми цената на домашната електроника, пренесува Мондо рс.