Винарската визба Тиквеш ќе извезе вкупно 80.000 шишиња од категоријата висококвалитетни вина Вранец спешл селекшн, берба 2011 во Данска.
Ова, како што соопшти генералниот директор Игор Илиевски, е договорено минатата недела, а првите количини се веќе испорачани во 48 специјализирани продавници на увозникот Хансен, како и низ рестораните во Данска.
“Ова е одлична вест за заокружување на годината што изминува. Задоволството е уште поголемо затоa што со најновата извозна зделка се потврдува стратегијата и определбата на Тиквеш за што поагресивен настап и промоција на извозот”, истакна Илиевски.
Менаџерката за извоз во Тиквеш, Катерина Костовска посочи дека пласманот во Данска е прв позначаен пробив на македонското вино на скандинавските пазари.
Tиквешкиот Вранец од серијата Спешл селекшн увозникот го прогласи за вино на годината и е позициониран во винските листи заедно со некои од најпознатите француски, италијански, португалски, австралиски и американски вина.
Оваа година Тиквеш бележи зголемување на извозот за 30%, а предвидувањата за следната 2013 година се оптимистички.
Главни определби на винарската визба Тиквеш остануваат зацврстување на позициите на актуелните извозни пазари, таргетирање и освојување нови, како и продолжување на инвестициите во македонската винска култура.