
Европската унија најави дека ќе го паузира воведувањето контрамерки против САД на 90 дена.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Унијата сака да им даде шанса на преговорите.
„Иако го финализиравме усвојувањето на контрамерките на ЕУ кои беа силно поддржани од земјите-членки, решивме да ги ставиме во мирување 90 дена“, рече таа.
„Доколку преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила. Подготовките за дополнителни контрамерки сè уште се во тек“, рече Фон дер Лајен.
Ја поздрави одлуката на Трамп
Рано утрово таа ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги суспендира царините на 90 дена, нагласувајќи дека ЕУ останува посветена на конструктивни преговори со САД, со цел да се постигне непречена и заемно корисна трговија.
„Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање на царините. Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“, рече фон дер Лајен во изјавата објавена од Комисијата.
Неколку часа подоцна таа објави дека ЕУ исто така ги суспендира царините против САД.
Да потсетиме, Трамп на „Денот на ослободувањето“ воведе царина од 20 отсто на увозот од Европската унија. Како одговор, ЕУ подготви контратарифи од 25 отсто за широк спектар на американски производи, вклучувајќи: бадеми, сок од портокал, живина, соја, челик и алуминиум, тутун и луксузни јахти. Трамп вчера ги суспендираше тие царини на 90 дена.