Двата американски хемиски гиганта Dow Chemical и DuPont најавија план за спојување, преку договор вреден над 130 милијарди долари, пишува BBC.
Новата компанија, којашто ќе го носи името DowDuPont, ќе биде поделена на три ентитети, чиј фокус ќе биде ставен на земјоделство, производство на материјали и специјализирани производи.
Целта на двете компании е откако ќе се направи спојувањето, поделбата на три ентитети да се реализира во рок од две години. Dow Chemical и DuPont се надеваат дека преку ова спојување ќе заштедат околу три милијарди долари.
“Оваа трансакција е клучна за нашата индустрија и е кулминација на визијата за здружување на овие два гиганта, којашто ја имаме веќе подолго од една деценија“, изјави извршниот директор на Dow Chemical, Ендру Ливерис.
Се очекува на претседателската фотелја на споените компании да биде Ливерис, додека Ед Брин, директорот на DuPont, да биде нејзин извршен директор.