Фото: Pixabay
Крајот на годината пополека се наближува. Влегуваме во период на убави моменти, го славиме доаѓањето на Новата година и новите предизвици (службени и приватни), но и го славиме заминувањето на претходната година.
И кога сме кај годината што одминува, ова е период кога треба да се осврнеме назад и да направиме една рекапитулација на работите што се случиле во овој период. Потребно е тоа да го направиме за да увидиме што е она што сме го направиле во периодот што одминал и да направиме план за наредниот период.
За таа цел, еве ви неколку совети како да го искористите овој период:
1. Ревизија на сработеното
Убаво би било да седнете со целиот тим, со менаџментот, па на крај и сами да направите ревизија на работите што сте ги работеле во претходниот период.
a) Анализа на сработеното
Доколку сте имале стратегија што сте ја направиле претходната година, тогаш убаво би било да направите и контрола на тоа што е остварено, а што не и зошто не е сработено. Поминете темелно преку сите активности и направете анализа на следниве работи:
- Кој сè од кај вас бил инволвиран и дали требало повеќе или помалку луѓе да бидат инволвирани?
- Колкав е приходот и расходот од тие активности?
- Колку време ви било потребно за имплементација и реализација на работите?
- Што е она што останува за наредниот период (што треба да го сработите веднаш после празниците)?
б) Анализа на грешките
Многу важна работа, која треба убаво да ја анализирате, се грешките што ги имате направено во текот на овој период. Не е работата да се обвинува некој за тие грешки, туку да се научи од нив и како да се подобриме за наредниот период. Грешките може да бидат од следнава природа:
- Човечки капацитет – анализа на секој до тимот, бројот и ефикасноста во извршување на работите
- Финансии – планирани наспроти реализирани средства, приходи и расходи… дали сте можеле повеќе да “заработите“?
- Временска рамка – дали времето сте го потрошиле ефикасно и ефективно и каде сте можеле да се поправите и да бидете побрзи
Во секој случај, при анализа на грешките, навистина немојте да обвинувате, туку гледајте да научите од нив!
2. Финансиска ревизија
Финансиска анализа на предходната година од аспект приходи наспроти расходи. Колку сте имале приход, колку сте имале расходи и колку на крај останува за вас (после сите даноци и останати расходи). Проверете што не ви е платено, што треба да платите, кредити…
3. План за наредниот период
Врз основа на она што сте го направиле и анализата за сработеното, дајте си време да направите план и стратегија за наредната година. Поставете:
- Цели што сакате да ги постигнете
- Работи што сакате да ги остварите и да ги извршите
- Буџет што сакате да го реализирате
Со други зборови, немојте само да славите, туку имајте време и за анализа и за планирање.
Со успех во промените.