Канада би можела да ја користи плимата за производство на струја

82

zalivot fandi

Во источниот дел на Канада би можела да се искористи плимата на морето за производство на електрична енергија, пишува Aljazeera Balkan.

Истражувањата се прават во канадскиот залив Фанди, познат по најсилната плима во светот. Низ еден од премините во заливот, плимата секојдневно потиснува поголема количина на вода одошто сите речни текови заедно.

“Внатрешната енергија на плимата подразбира инсталирање на ветерни турбини под нивото на морето и користење на силата на текот на водата. Истражуваме дали тој потенцијал е економски и еколошки изводлив“, вели Ен Мери Беливо од компанијата Force.

Во соработка со канадската влада и локалното електроенергетско претпријатие, компанијата Force гради турбина широка 15 метри, којашто планира да ја стави во погон до крајот на годината.

Локалните рибари, пак, се противат на оваа идеја. Тие велат дека турбините може да го уништат рибниот фонд, којшто постојано се движи по заливот.

“Ова може да го анализирате како чиста енергија само доколку го занемарите фактот дека со овој зафат се убиваат риби. Турбините ги убиваат рибите. Овде нема никаков вакуум, бидејќи рибите живеат во оваа средина“, предупредува рибарот Пол Стефансон.