Кредити за енергетски ефикасни домови

62

Семејствата кои ќе сакаат да заштедат електрична енергија, да ги намалат трошоците во домашниот буџет и да придонесат за зачувување на животната средина, од идната недела ќе можат да ги искористат новите зелени кредити на Алфа банка. Со заемот, кој може да биде во висина од 200 до 10.000 евра, во домаќинствата ќе може да инвестираат во соларни термални системи за производство на топла вода, нови врати и прозорци со топлинска изолација, иновативни системи за греење и ладење, кровна изолација и вградување други системи кои работат на обновливи извори на енергија. Кредитот, Алфа банка го одобрува со шест месечен грејс период, фиксни камати за првата година од 4,4% за износи во евра и од 7% проценти за денарски износи, без трошоци за аплицирање и за провизија.

Според министерот за економија Ваљон Сараќини, вградувањето на еден соларен колектор е инвестиција од 36.000 денари, кој на домаќинството му носи годишна заштеда на електрична енергија во висина од 13.000 денари. Според примерот, посочи Сарачини, инвестицијата во енергетски ефикасни домови се враќа за 3 години. Тој истакна дека е задоволен што Алфа банка ја прифатила иницијативата за реализација на проектите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на Министерството и ја преточила во конкретен производ и се надева дека и другите комерцијални банки ќе се приклучат кон оваа иницијатива. Сараќини најави дека Министерството за економија на почетокот на октомври ќе и предложи на Владата да се зголеми лимитот на инвестиции во фотоволтаични централи од 10 на 20 мегавати.

Андреас Галатоулас, главен извршен директор на Алфа банка рече дека новиот зелен кредит на банката е производ кој ќе одговори на новите потреби на граѓаните.

„Веруваме во зелениот бизнис и затоа развивме конкретни банкарски производ, кој нуди можност клиентите да направат профитабилни инвестиции со цел да се заштеди електрична енергија“, истакна Галатоулас.