Вкупно 972 работника добија сертификати за градба на енергетски ефикасни објекти

71

gradezen rabotnik

Вкупно 972 работника од пет области: фасадери, кровопокривачи, електроинсталатери, столари и инсталатери на системи за ладење и греење денеска добија сертификати како потврда дека се обучени за енергетски ефикасни објекти, пишува Миа.

Ова е резултатот од проектот Билд – ап скилс што го иницираше Европската унија и во којшто Македонија беше единствената земја учесник меѓу државите членки.

“За обука за енергетска ефикасност во детерминираните пет клучни области се пријавија 1.146 работници, а сертифицирани беа и 200 тренери. Една од иновациите, што е новина за Македонија, но и за многу земји членки на ЕУ, е воведувањето систем за претходно препознавање вештини и квалификации на работниците, процес што се спроведе во декември 2015 и јануари 2016“, подвлече раководителот на проектот Јадранка Аризанковска.

Според консултантот Ристо Иванов, најмногу интерес за обука има кај фасадерите и кровопокривачите зашто македонските градежни компании се најнапредни во овој сегмент, а инвеститорите бараат висококвалитетна изведба.

“Интерес имаше и за електричари, како и за инсталатери на греење и ладење што е чудно зашто досега во Македонија не се форсираше внатрешниот дел на заштеда на енергија, додека помал беше интересот кај столарите“, информира Иванов.

Клучно е, додаде, што македонските градежни компании го прифатија сертифицирањето на работниците коешто практично значи гаранција за нивниот квалитет, односно на кадарот што фирмите сакаат да го ангажираат.

Истражувањето во рамки на проектот покажа дека на Македонија и требаат 9.600 до 16.000 работници за изградба на енергетски ефикасни објекти. Со планираните активности, кои како што најавија организаторите ќе продолжат до 2020 година, треба да се создаде капацитет (тренери) за годишно квалификување 1.000 до 1.500 работници, наспроти почетната можност од максимум 300.

“Интересот за обука е голем и затоа активностите ќе продолжат – за да се обезбедат 100 до 200 предавачи и 10 до 20 институции. За годинашната фаза, пријавувањето е до 15-ти септември“, посочи Иванов.