Енергетските компании во Индија ќе поттикнуваат користење на сончевата енергија, преку изнајмување на покривите на објектите за да постават соларни панели, пишува Inhabitat.
Прва цел ќе им бидат големите индустриски и комерцијални објекти, коишто се големи енергетски потрошувачи. Објектите што ќе ги “вдомат“ соларните панели ќе имаат значителна заштеда на сметките за струја, а од друга страна енергетските компании ќе го решат проблемот со изнаоѓање на големи површини за поставување и одржување на соларните системи.
Енергетските компании во Индија започнаа со таргетирање на потенцијалните покриви што би ги изнајмиле, а во изборот влегуваат индустриски комплекси, комерцијални објекти, трговски центри, како и државни институции, болници и административни згради.
Според податоците, потребни се осум метри квадратни за да се генерира еден киловат електрична енергија.
Овој начин на искористување на сончевата енергија е особено потребен во Индија, каде што големите градови, како што е Делхи, честопати се соочуваа со прекини во дистрибуција на електричната енергија во најтоплите месеци во годината.