Мерење на достигнувања и известувања – компаниите и човековите права

45

covekovi-prava

Фото: Pixabay

Последните два чекора од процесот на due diligence по човекови права се мерењето на достигнувања и известувања за тоа како компанијата ги почитува човековите права.

Мерење на достигнувања

Процесите на мониторинг и ревизија овозможуваат деловното претпријатие да го забележи развојот на применувањето на активности за почитување на човековите права, врз основа на претходно идентификување и проценување на ризиците по човековите права. Потребно е следењето да биде заснованоч6 на квалитативни и квантитативни индикатори, како и на повратни одговори од внатрешни и надворешни извори, вклучувајќи ги и тие од заинтересираните страни.

Методите на следење на прогресот може да бидат различни во зависност од видот и големината на бизнисот и предметниот сектор и оддел. Телефонски број и имејл адреса како можност за известување може да бидат доволни за мали претпријатија со ограничено влијание врз човековите права. Поголеми претпријатија со потенцијално значајно влијание врз човековите права, може да имаат потреба од подетален систем на известување и следење. Жалбените механизми на оперативно ниво за вработени и заинтересирани страни исто така може да бидат значаен извор на информации.

Известување за ризици и одлуките

Инвеститорите, деловните партнери, потрошувачите и работниците бараат се поголема транспарентност од компаниите во однос на тоа како бизнисот ја исполнува својата обврска да ги почитува човековите права. Известувањето за ризиците врз човековите права и одлуките што ги донела компанијата за да ги спречи, односно намали овие ризици има придобивки за компанијата затоа што води кон позитивни промени, гради доверба и ги зајакнува перцепциите на заинтересираните страни за деловното претпријатие.

За да се смета дека известувањето е во согласност со Насочувачките принципи на Обединетите нации за бизнис и човекови права и другите формални барања во оваа област, неопходно е известувањето да:

  • биде достапно до публиката за која е наменето;
  • даде доволно информации за да им овозможи на засегнатите страни да ја евалуираат адекватноста на постапувањата на компанијата во однос на конкретното влијание врз човекови права; и
  • не причинува ризици за засегнатите страни или да е во спротивност со правните барања за доверливост на деловни информации.

Постојат повеќе платформи и иницијативи кои што компаниите може да ги користат за да известуваат, меѓу кои од значање се Рамката на известување за Насочувачките принципи на Обединетите нации (UN Guiding Principles Reporting Framework) и Известување за напредокот на Глобалниот Договор (United Nations Global Compact’s Communication on Progress)

Рамката на известување за Насочувачките принципи на Обединетите нации

Рамката на известување е алатка што им помага на компаниите да известуваат за почитувањата на човековите права во согласност со Насочувачките принципи на Обединети нации.

Преку користење на 32 прашања, компаниите ги идентификуваат најсериозните прашања по човековите права врз кои бизнисот може да има најголемо влијание. Оние компании што за прв пат ја користат алатката потребно е да одговорат на осум прашања со цел да го задоволат минимумот барања на Рамката на известување. Ваквиот приод има за цел да ги мотивира компаниите да се подобрат со текот на времето.

Рамката на известување не е задолжителна за компаниите. Сепак, се повеќе регулаторни барања, вклучувајќи ги и оние на Европската Унија, воспоставуваат обврска за многу компании да известуваат за нивните постигнувања во областа на човековите права, многу често со повикување на Водечките принципи на Обединети нации.

Известување за напредокот на Глобалниот Договор

Глобалниот Договор e иницијатива чии членови, правни лица, пристапуваат на доброволна основа. Членовите се обврзани еднаш годишно да известуваат за тоа како ги почитуваат 10-те принципи на оваа иницијатива во четири области (човекови права, труд, заштита на природата и забрана за корупција). Како минимум ваквиот извештај е потребно да содржи:

  • Изјава од високото раководство за постојана поддршка на Глобалниот Договор;
  • опис на практични дејствија (политики, процедури, активности) што деловното претпријатие ги преземало за да ги примени принципите на Глобалниот Договор, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на човековите права; и
  • мерење на (очекувани) придобивки, по можност преку користење на индикатори.

Глобалниот Договор има развиено и Додаток за човекови права, со цел да даде практични насоки на компаниите како да го подобрат известувањето во годишниот извештај во однос на нивните напори за почитување и поддржување на човековите права.

Со овој текст се заокружуваат темите поврзани со due diligence по човекови права. Во следниот текст ќе го анализираме правото на ефикасен правен лек, како трет столб на обврската на компаниите да ги почитуваат човековите права.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje