Вонсудски механизми за разрешување на спорови поради повреда на човековите права

50

pravo-1

Фото: Pixabay

Што треба една компанија да направи ако открие, преку процесот на due diligence или преку поплака, дека причинила или придонела за негативно влијание врз човековите права? Во таа ситуација од компанијата се бара да ги надомести последиците од негативните влијанија врз човековите права преку легитимни процеси.

Насловен како “Пристап до правен лек“, Столб 3 од Насочувачките принципи за бизнис и човекови права воспоставува обврски за државите и деловните претпријатија за креирање и пристап на правен лек за поединци и заедници кои се засегнати од деловното работење на претпријатијата. Она што е од особено значење е што акцентот се става на развивање на вонсудски механизми за разрешување на спорови. Иако ваквите механизми може да се јават во многу форми, генерално се појавуваат како:

  • Механизми поврзани со индустријата и иницијативи на заинтересирани страни, како Fair Labor Association’s Third Party Complaint Process и Fair Wear Foundation’s Complaint Procedure. Овие механизми функционираат на различен начин, често поврзани на основа на кодекс на однесување, група на принципи или сертификат. Процесот, во зависност од конкретниот механизам, е отворен за засегнати страни, членки на иницијативата или трети страни и се движи од споделување на информации, до медијација и судење.
  • Механизми на национално ниво, што вклучува национaлни институции за човекови права, како комисии и омбудсмани и национални контакт места на Организација за економска соработка и развој (ОЕСР). Институциите за човекови права, како Народен правобранител во Република Македонија, може да прима поплаки од поединци и групи против деловни претпријатија и да предложи дијалог или независна истрага. Од друга страна 46 земји и Европската комисија со пристапување кон Декларацијата за меѓународни инвестиции и мултинационални претпријатија на ОЕСР, подлежат на Насоките за меѓунационални претпријатија на ОЕСР со што имаат воспоставено национални контакт места (НКТ). Овие НКТ по примени поплаки од НВО, синдикати и други страни поради наводи дека одредена компанија не ги почитува Насоките за меѓунационални претпријатија на ОЕСР спроведуваат истрага и одлучуваат дали да понудат медијација. Ако не може да се постигне решение, НКТ може да издаде изјави во однос на тоа дали смета дека претпријатието работи во согласност со Насоките.
  • Регионални и меѓународни механизми, односно меѓународни финансиски институции кои имаат механизми што овозможуваат разрешување на спорови помеѓу корпоративни клиенти и заедници, и ги проценуваат нивното работење наспроти стандардите на институциите. На пример, Канцеларијата на Омбудсманот разгледува поплаки од страни што се засегнати од проекти што се финансирани од Меѓународната финансиска корпорација (МФК) и Мултилатерланата агенција за гаранција на инвестиции, во согласност со стандардите на МФК и настојува да го реши спорот преку дијалог, преговарање и медијација.
  • Механизми на оперативно ниво, што е тема на оваа колумна.

Механизмите на оперативно ниво се содржани во Принцип 29 од Насочувачките принципи по бизнис и човекови права согласно кои за да се овозможи рано и директно разрешување на споровите, од деловните претпријатија се бара да основаат или да учествуваат во ефективни механизми на оперативно ниво за засегнати поединци и заедници. Ваквите механизми се воспоставуваат на ниво на компанијата или на ниво на проект и може да бидат управувани од самата компанија или пак делегирани на трета страна. Механизмите може да се справуваат со поплаки од различен вид и тоа од такви што не причинуваат штета врз човековите права, но што може да водат до повреда ако не се справат со нив навремено, до повреди на човековите права на високо ниво или пак остатоци од поранешни повреди. Во работилница организарана од Shift, идентификувани се следниве канали за прием на поплаки и/или за нивно справување кај компаниите:

  • укажувачи;
  • омбудсман за работници;
  • “систем на отворена врата“;
  • синдикати;
  • механизми за поплаки за потрошувачи;
  • жалбени механизми за заедниците;
  • одредби во договори за разрешување на спорови;
  • барања за добавувачите во кодекс на однесување;
  • интервју со вработени сл.

Но, со цел компанијата да “знае и покаже“ дека работи во согласност со Насочувачките принципи не е доволно само да укаже дека вакви “канали“ за поплаки постојат, туку дека истите ги задоволуваат 8-те критериуми од овие Насочувачки принципи. Односно, тие треба да бидат:

  1. Легитимни: да овозможат доверба кај засегнатите страни за кои се наменети;
  2. Пристапни: да им бидат познати на сите засегнати страни и да овозможат соодветна помош за оние кои може да се соочуваат со пречки во пристапот;
  3. Предвидливи: да пружаат јасна постапка за секоја фаза, како и појаснување за видовите на расположливи процеси и исходи и средства за следење на имплементацијата;
  4. Правични: да настојуваат да им обезбедат на страните во спорот разумен пристап до информации и експертиза, потребни за вклучување во процесот на разрешување на споровите под фер и достојни услови;
  5. Транспарентни: да ги информираат страните во спорот за напредокот и да даваат доволно информации за делувањето на механизмот во насока на градење доверба во неговата ефективност;
  6. Компатибилни со правата: да обезбедуваат дека исходите и лековите се во согласност со меѓународно признаените човекови права;
  7. Извор на континуирано учење: да ползуваат релевантни мерки со цел утврдување насоки за подобрување на механизмот за спречување идни спорови и штети; и
  8. Засновани на залагање и дијалог: да се консултираат засегнатите страни за дизајнот на механизмите и насочување кон дијалогот како средство за решавање на споровите.

Придобивки за компаниите

Користа од вонсудските механизми на оперативно ниво за разрешување на спорови е повеќестрана. Се издвојуваат следниве придобивки:

  1. Генерираат знаење за компаниите во однос на неговото влијание врз човековите права. Како што пишувавме во претходните текстови, деловните претпријатија треба да спроведат due diligence по човекови права за да ги идентификуваат, спречат, ублажат и одговараат за влијанијата врз човековите права. Сепак, проблеми може да се појават и покрај најдобрите намери на претпријатието. На пример проценката на ризиците не може да биде изготвена без маани, може одредени ризици да не се идентификуваат или пак напорите да претпријатието се справи со идентификуваните ризици останат неуспешни. Всушност, овие механизми може да укажат на добра пракса за тоа како да се зајакне континуираниот процесот на due diligence, за да се спречат идни штети.
  2. Отстрануват ризик од негативен публицитет: искуствата на компании покажуваат дека некои компании би се вклучиле во вонсудски жалбени механизми за да избегнат можен негативен публицитет.
  3. Вонсусдките механизми на оперативно ниво може да се сметаат како составен дел на напорот на компанијата за одржување на социјалната лиценца за работење;
  4. Пристап до кредит: меѓународните финансиски институции, како Светка банка и ЕБРД, и социјално одговорните инвеститори сè повеќе се фокусираат на напорите на бизнисот да ги разрешуваат конфликтите на ниво на заедниците и веќе бараат компаниите да имаат воспоставено вонсудски механизми како услов за добивање на финансии; и
  5. Градење на доверба и легитимитет: желбата да се гради доверба и да се трансформираат односите може да биде мотивација за вклученост особено таму каде компаниите и заедниците треба да коегзистираат подолго време.

Но, битно е да се потенцира дека вонсудските процеси не може да бидат замена за судски процеси, кога вонсудското разрешување на спорови е неуспешно или пак кога постои сомневање за извршено кривично дело од страна на компаниите. Исто така, ваквите механизми не смеат негативно да влијаат на преговорите помеѓу синдикатите и работодавците.
Вонсудските механизми не се само тема која што е пропратена со предизвици за македонските компании, туку анализите покажуваат дека постојат одредени предизвици со кои се соочуваат компаниите на меѓународно ниво, како недостаток на капацитети од страна на компаниите и засегнатите страни, недостаток на информации во однос на оваа тема, како и отпор од страна на компаниите, дури и оние што се активни во областа на бизнис и човекови права, да формализираат вонсудски жалбени механизми.

Сепак, правната регулатива во оваа област се развива со силна динамика, па сите вклучени актери на меѓународната сцена даваат напори да ја доближат темата до компаниите, вклучувајќи го и Советот на Европа чиј Комитет на министри неодамна усвои препорака CM/Rec(2016)3 до земјите членки за човекови права и бизнис, за што ќе пишуваме во следната колумна.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje