Половина час од денот!

38

saat

Фото: Pixabay

Дали знаете дека може да си го промените животот доколку правите нешто ново само половина час на ден?!

Концепт „Половина час” како фактор за развој на вештина:

На пример, ако вежбате некој инструмент, само половина час на ден, вие за 4 години (720 часа) ќе станете одличен во свирење на тој инструмент. Можеби многу често им се воодушевувате на тие што знаат да свират, а вам ви било криво што не знаете. Но, не сте се ни осмелиле да пробате, бидејќи сте си помислиле дека залудно е да почнувате. Теоретски, сега знаете дека само половина час вежбање на ден може ве дели од вашиот најголем сон. Е сега, има тука и други фактори што ќе влијаат на резултатот (истрајност, мотивација, околина, дисциплина, посветеност и др.), но важно е да знаете дека концептот  „половина час од денот“ функционира.

Концептот „Половина час”, како фактор за личен и професионален развој:

Истото важи за секоја работа што ја работите или област којашто сакате да ја подобрите. Ако имате потреба да се развивате во некоја професионална и стручна област на работење, за која немате големо познавање, посветувајќи се само половина час на ден на нејзино изучување, вие за некое време ќе станете многу способен во таа област.

Концептот „Половина час”, како фактор за менување на матрицата:

Ако си направите самоанализа и личен дневник на времето – како го поминувате секој ден, ќе забележите повторливи шеми. Сите ние живееме според одредени шеми и матрици и многу ретко кога излегуваме од нив. За жал, не сме ниту свесни за таа состојба. Со цел да го одбегнете концептот „куча посо, посо куча”, со имплементација на овој концепт веќе се одвојувате од матрицата. Наместо да станете наутро и да пиете кафе, прво вежбајте половина час. Наместо да седите на ФБ, поминете половина час читајќи книга. Наместо да гледате некоја серија на телевизија, прошетајте во парк, возете велосипед, трчајте, научете некој нов рецепт или видете се со некоја драга личност што не сте ја виделе подолго време.

Концептот „Половина час”, како фактор за менување на случувањата во животот:

Со воведување на нови работи во вашиот живот имате можност да влијаете врз случувањата во животот, воопшто. Ако ви е досадно, време е да го употребите овој концепт. На тој начин ви се зголемуваат можностите да осознаете нешто ново, да сретнете некоја нова личност, да ви се случат нови работи. На овој начин ги зголемувате шансите, т.е. се отворате кон повеќе можности што ги нуди животот.

Најголем дел од нас се откажуваат, бидејќи не веруваат дека со малку труд и работа, но во континуитет, може да имаме успех. Или, пак, голем дел од нас се откажуваат после неколку проби, бидејќи не го гледаат резултатот. Или зашто немате време (ако не може да најдете време може да станете половина час порано J). Сè се тоа различни гледишта и фактори што влијаат врз успешноста на овој концепт, но факт е дека тој функционира и може да ни го промени животот.

Немојте да се откажувате од ништо. Можеби половина час од денот се наоѓа помеѓу вас и вашиот сон!

Со успех во промените.