Бугарскиот министер за финансии Симеон Ѓанков денеска поднесе оставка од функцијата, по масовните демонстрации против поскапувањето на струјата во кои учествуваа десетици илјади граѓани, но и поради претходни несогласувања со премиерот Бојко Борисов околу задоцнетото исплаќање на субвенциите за земјоделците.
“Му благодарам на премиерот Борисов и колегите во Министерскиот совет за многуте поминати часови заедничка работа и за постигнатите успеси. Особено благодарам на експертите во Министерството за финансии, со помош на кои Бугарија си го врати финансиското здравје. Ќе продолжам да помагам со она што можам и во иднина”, стои во кратката изјава на министерот.
Бугарите вчера протестираа поради високите цени на електричната енергија и ниските примања, обвинувајќи ја владата за несоодветни мерки со кои го намалува стандардот на граѓаните во најсиромашната членка на ЕУ.