Дубаи ја доби првата 3D печатена канцеларија во светот, пишува Engadget. Градбата зафаќа површина од 250 метри квадратни, се простира на еден кат, но она што е најимпресивно е фактот дека истата беше изградена за само 17 дена.
При изградбата се користеше огромен 3D принтер во висина од 1,85 метри и специјална мешавина од бетон, пластифицирано армирано влакно и гипс од стаклени влакна. Освен масивниот принтер, во конструкцијата учествуваа и тим од 18 луѓе, инсталатори, електричари и машински инженери.
Оваа градба е многу повеќе од ултра модерните зданија што ги има во голем број во Дубаи – истата ќе биде привремено седиште на фондацијата Иднината на Дубаи, а следната година ќе стане дом на Музејот на иднината во Дубаи.
Според тамошните власти планирано е 25% од зградите во овој град да бидат изградени со 3D печатење заклучно со 2030 година.