АЕК од денеска па се до 12-ти август организира јавна расправа за намерата за распишување нов јавен тендер за избор на еден или повеќе даватели на универзална услуга, јавува Миа.
Според соопштенито на Агенцијата за електронски медиуми, по 30 дневната јавна расправа сите забелешки, коментари и предлози ќе бидат земени во предвид во подготовка на тендер за избор на еден или повеќе даватели на универзална услуга.
Како што велат од АЕК прв пат со јавен тендер ќе определат еден давател на широкопојасен интернет како дел од универзалната услуга, кој ќе има и обврска да обезбеди поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна комуникациска мрежа.
Со тоа ќе биде обезбеден пристап до интернет по прифатливи цени за сите домаќинства коишто досега немаа можност да се поврзат онлајн со некоја од достапните технологии. Давателот на универзалната услуга ќе треба да обезбеди и целосен телефонски именик за претплатниците во Македонија и целосна телефонска служба за информации, како и јавни телефонски говорници или други јавни пристапни точки за обезбедување на говорни телефонски услуги.
Со универзалната услуга се обезбедуваат и услови за еднаков пристап и употреба на јавните телефонски услуги од страна на крајните корисници со посебни потреби, вклучувајќи и пристап до броеви на служби за итни повици, достапност на податоците од телефонскиот именик за сите претплатници во РМ , како и на другите крајни корисници.
Резултати од давањето на сите видови услуги кои досега беа опфатени со универзалната услуга во државава, ќе бидат презентирани утре.