Словенија во европскиот буџет мора да врати 286.000 евра неправилно искористени средства за земјоделие, објави Европската комисија.
Според ревизорскиот извештај за 2011 година, Словенија на подрачјето на регионален развој и структурна политика има проблеми и недоволно ефикасно ги користи средствата, изјави словенечкиот член на европското ревизорско тело, Милан Цвикл.
При трансакции доаѓало до грешки, забележани се многу проблеми со почитувањето на правилата за јавни набавки, а за финансирање на истражувачките проекти нема вистинска контрола, ниту побараните средства секогаш можат да се оправдаат, вели Цвикл.
Ревизијата на буџетот за 2011 година покажала дека 3,9% од средствата на ниво на цела ЕУ биле неправилно исплатени, односно не смееле да бидат исплатени, а станува збор за околу пет милијарди евра.