Зошто малите бизниси се осудени на пропаст?

52

katanec

Фото: Pexels

Поради постојаната потреба да патувам, имав прилика да ги посетам скоро сите градови во Македонија, посебно источниот дел и да се сретнам со многу млади и средовечни претприемачи кои се обидуваат да создадат нешто за себе и за своите најблиски.

Сите тие го имаат вложено своето време, енергија, пари во создавање на компании за да го решат егзистенцијалното прашање и тоа во турбулентен период кога се поголем број луѓе заминуваат во големите градови или надвор од државата, посебно од овие мали места, во потрага по подобар живот.

Во сите тие мали бизниси, бутици, продавници, производствени комплекси, се забележува еден ист шаблон на функционирање: полни рафтови со производи, убаво уредени продажни салони, нова опрема за производство и супер прифатливи цени на производи со солиден квалитет.

И сето тоа е супер, но нешто друго ми го привлече вниманието, посебно кај трговците.

Заедничка слика за повеќето од нив беше дека поголемиот дел од работното време го поминуваат во чекање, пиење кафе пред продажниот салон и гледање во часовникот кога ќе дојде времето за пауза или да си одат од работното место.

Од време на време некој од нив ќе влезе во продажниот салон и ќе го услужи штотуку влезениот “потенцијален“ купувач, кој пак ќе разгледа наоколу љубопитно и ќе излезе од продавницата по 5 минути. И повторно истиот циклус се повторува, седење, чекање, разговори со колегите од соседниот продажен салон.

Од друга страна, луѓето кои поминуваат се или забрзани некаде, или задлабочени во “вртлогот“ на нивниот паметен телефон прелистувајќи содржини на Facebook или пишувајќи пораки.

Се прашувам кои се шансите истите тие “потенцијални“ купувачи да го погледнат излогот кој така фино изгледа и да им го привлече вниманието, кога се толку многу фокусирани на содржините од типот на “Кои се трите најуспешни хороскопски знаци“ или вирални клипови како “Маскиран бомбаш ги плаши луѓето со лажна бомба“.

Шансите се еднакви на 0!

Од друга страна веќе е септември, а тоа значи дека улиците ќе бидат празни, луѓето ќе бидат на работа (поголемиот дел заминати во други градови, па и држави), учениците во училиште, студентите во големите студенски центри како Скопје, Штип, Битола, Тетово, а малите градови ќе останат празни.

Тоа значи дека малите компании од внатрешноста влегуваат во онаа фаза каде повторно ќе се потпираат на големите државни и црковни празници, Нова година и останатите посебни денови од годината за да можат да ги покријат своите трошоци.

Но, дали постои решение за ова?

Факт е дека голем дел од времето сите овие вработени лица го трошат залудно во чекање. Прашањето е зошто истото тоа време да не го потрошат во создавање на содржини за нивните купувачи и прикажување таму кај што е вниманието на нивните купувачи?

Зошто да не создаваат интересни содржини за нивната целна публика и да градат релација со која постојано ќе се во центарот на нивното внимание?

Сето ова е или бесплатно или трошокот е минимален и многу помал од сите месечни трошоци што ги има една компанија, а со постоечките услови може сето тоа да се направи.

Потребен е само мобилен телефон, интернет конекција и малку волја и креативност за сето тоа да биде успешно завршено. И нормално, упорност и истрајност, бидејќи скоро ништо во животот не доаѓа без барем малку вложен труд.

Пожелно е и да вложите во изработка на ваша веб страница, но и без тоа вие можете да се промовирате солидно на Facebook, Instagram, Twitter, Snapchat, Google+ и сè што се бара од вас е креативност и да издвоите неколку минути во денот за да споделите интересна фотографија, текст или видео кое вашите потенцијални купувачи ќе го видат.

Доколку пак сакате малку посериозно да се посветите на ваквиот начин на продажба, овие сервиси нудат можност за платени огласи кои се многу поевтини отколку радио и ТВ рекламите кои можат да си ги дозволат само “големите играчи“, а најдоброто од сè е што резултатите во ваквите спонзорирани реклами се инстантни и мерливи.

Друга опција која исто така ќе ви заштеди средства, а ќе ви помогне вашите купувачи да дојдат до вас се електронските огласувачи или платформите како Moemesto.mk, кои овозможуваат инстантно отворање на е-продавници без посериозни финансиски вложувања. Овие платформи функционираат како виртуелни трговски центри и веќе имаат стекнато своја публика и редовни купувачи кои редовно ги посетуваат, а со тоа добивате на некој начин гарантирани купувачи.

Ова е одлична можност да го испитате пазарот и да започнете да направите дел од тие посетители да станат и ваши лојални купувачи.

И најважно од сè е што сите мали компании, посебно во малите градови, имаат огромна предност пред останатите, посебно пред компаните кои се лоцирани во големите центри како Скопје и тоа:

  • Трошоците за наемнина се многу помали.
  • Ценовно се поконкурентни.
  • Повеќето се семејни бизниси, што значи контролата и управувањето е многу полесна.
  • На располагање имаат многу повеќе време.
  • Многу производи што ги нудат се достапни само локално и ги нема на друго место.
  • На овој начин времето на вработените ќе биде исполнето до максимум, а и самите резултати ќе ве мотивираат за повеќе труд и вложување.
  • Благодарение на големиот број поштенски сервиси во Македонија, веќе секој дел од територијата е достапен за испорака, а трошокот е минимален и прифатлив за купувачите.
  • Доколку се одлучите за сопствен шопинг сервис, тоа е уште поголемо олеснување за вас затоа што наплатата ќе ви биде инстанта, бидејќи веќе секој поседува во најмала рака барем една дебитна или кредитна картичка.

Може да се издвојат и други предности, но ова е доволно да се запрашате дали е потребно уште да чекате и да се водите според старите правила или да направите промена.

Навиките се веќе променети, затоа не може да си дозволите да се маркетирате на начини карактеристични за 20-ти век, кога веќе во 21-ви век луѓето се на сосема друго место. Не дозволувајте локалната апатија и менталниот склоп да ве обземе и да ги води вашите деловни одлуки затоа што можностите се пред вас. Потребно е само да ги искористите.

—————————————————-

Овој текст е дел од неделниот билтен Совети 1 на 1 на LiveMedia, дигитална агенција специјализирана за маркетинг преку интернет медиуми.

Доколку сакате да прочитате и други корисни текстови поврзани со дигиталниот маркетинг, посетете го линкот http://livemedia.mk/mk/soveti/.