Ајсис Шифер, 28-годишна студентка од САД, дизајнираше кацига за велосипедисти наречена EcoHelmet. Заштитниот шлем се склопува до големина на банана, може да се рециклира и да се купи за неколку долари од вендинг машина, пишува CNNMoney.
Според Шифер, која е извршен директор и основач на консултантската компанија Spitfire Industry, кацигата може, откако ќе се искористи, да се врати во корпа за рециклирање лоцирана на исто место од каде што е купена.
Еко кацигата е изработена од специјален картон којшто изгледа како саќе од мед. Дизајнот овозможува тежината да се апсорбира при евентуален удар и да се распореди рамномерно по целата површина на главата. Картонот е обложен со биоразградлив восок од пченка што не пропушта вода.
На овогодишното доделување на награди за иновативност во САД, James Dyson Award, Шифер победи со овој изум во категорија од 100 натпреварувачи. Таа моментално работи со потенцијални партнери и инвеститори за официјално пуштање на EcoHelmet во продажба.