Клубот за сопственици на луксузни автомобили AutoHouse, чие седиште е во Мајами, Флорида, планира да изгради комплекс на седум ката, каде што ќе можат да се сместат автомобили, но не и нивните сопственици. Моментално своите луксузни возила можат да ги сместат само сопственици што ќе добијат покана, пишува Domain.
Основниот апартман со простор за две возила ќе чини 350.000 долари, додека најголемиот, со површина од 227 метри квадратни, ќе сместува 45 автомобили по цена од 1,5 милиони долари. Иако сопствениците нема да можат да живеат во станот, ќе имаат можност да го опремат онака како што сакаат со цел да ги импресионираат своите соседи. Некои од опциите се воден бар, аудио-визуелни системи и катчиња за останати активности и хобија.
Градбата ќе вклучува 24 часовно лоби со специјални лифтови за автомобили. Пентхаусот на зградата ќе има вински подруми и простории за љубителите на пури, Формула 1 симулатор и ресторани со поглед на Мајами. AutoHouse поседува и објекти каде сопствениците можат да добијат целосен преглед и нега на своите автомобили.
Конструкцијата на луксузните апартмани ќе започне следната година, а се очекува во 2018 година да биде целосно комплетирана.