Вратен долгот кон стопанството

18

34df3069-45b6-4fab-a2e0-3e5b63682202За време на своето обраќање на бизнис форумот, во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), што вчера се одржа во Скопје, премиерот Никола Груевски изјави дека долгот кон стопанството по основ на поврат на ДДВ и за извршените услуги кон државните институции е целосно вратен.

“Минатата година во екот на европската должничка криза стопанските комори укажаа дека има големи износи на средства кои не им се повратени од ДДВ и од извршените услуги кон државните институции. Владата го согледа ова прашање, направи анализа и план и на 24 септември лично им ветив на компаниите во Македонија дека до крајот на февруари 2013 година во целост ќе го анулираме ова прашање. Токму тоа и се случи”, рече Груевски.

Премиерот на средбата изјави дека во петокот го контактирал министерот за финансии да го праша дали оваа операција е завршена.

“Тој ме информираше дека во целост се елиминирани доцнењата на плаќањата по основ на поврат на ДДВ и на услугите кон компаниите. Така што и ова прашање кое минатата година ја засегаше македонската економија е надминато онака како што ветивме”, рече Груевски.