Лидерот на мексиканскиот нарко картел Синалоа, Хоакин Гузман Лоера алијас El Chapo Гузман е изоставен од овогодишната листа на најбогати луѓе во светот на американскиот магазин Форбс, јавува CNN.
Меѓутоа, причината за тоа не е дека нелегално се стекнал со богатство, туку затоа што е течко да се пресмета колку имот поседува и дали се уште е жив.
“Иако се верува дека е жив и дека се наоѓа во Мексико, неговото моментално место на живеење не е познато. Покрај тоа, не е познато ниту како ги троши парите што ги заработува на незаконски начин”, изјави уредничката на Форбс, Луиза Крол.
Гузман се крие откако во 2001 година избега од затвор со максимално обезбедување во Мексико, а минатиот месец се појавија непотврдени извештаи дека погинал во оружена пресметка меѓу продавачи на дрога во џунглите на границата меѓу Гватемала и Мексико. Како лидер на картелот Синалоа, се верува дека Гузман е одговорен за стотици убиства.
Во 2012 година тој четврта година по ред беше на листата на милијардери, заедно со нарко босовите Пабло Ескобар и браќата Очоа. Форбс пишуваше дека Гузман контролира околу 25% од нелегалната трговија со дрога и неговото богатство беше проценето на околу една милијарда долари.
На овогодишната листа на Форбс се рангирани рекордни 1.426 милијардери. На прво место е Мексиканецот Карлос Слим, сопственик на телекомуникациската групација America Movil, со 73 милијарди долари. На второ место е косопственикот на Мајкрософт, Бил Гејтс, со нето вредност од 67 милијарди долари, а на трето место е Шпанецот Ананцио Ортега, соосновач на модната групација Inditex, со 57 милијарди долари.